Од утре лек само со лична карта

Граѓаните од утре ќе можат да подигнат лекови од било која аптека во било кој ден од месецот. Се укинуваат досегашните квоти, но лековите ќе можат да се подигнат само со лична карта, за Фондот за здравствено осигурување да ја следи потрошувачката во реално време.

На овој начин, велат од Владата, ќе се спречи создавање домашни залихи од лекови кај пациентите кои се плашат дека може да го снема нивниот лек, но и ќе се спречат злоупотреби.

„Граѓаните ќе може да добијат лек од која било аптека секој ден и во секое време без разлика дали е почеток или крај на месецот. Нема да имаат потреба да создаваат домашни залихи. Се елиминират турканиците кај лекарите и во аптеките во првите денови од месецот заради препишување рецепти, работата на лекарите ќе се поедностави. Ова подразбира и подобри услови за работа“, изјави директорот на Фондот, Ден Дончев.

Тој рече дека новиот електронски систем ќе овозможи еднакви правила за работа за сите аптеки и дека на овој начин се елиминира фворизирање на аптеките и спречување на конкуренција.

Дончев додаде дека постарите лица, децата под 18 годишна возраст и болните кои не се во состојба да подигнат лекови, не треба да стравуваат, бидејќи нивните блиски ќе можат да го подигнат лекот во нивно име.

SHARE