Одбојкари, кренете глава гордо, високо – Пишува Роберт Димитриевски

Штета. Тоа е единствениот збор со негативна конотација при сумирањето на впечатоците од настапот на одбојкарската репрезентација на Македонија на 31. Европско првенство.

Штета е што на една чета, мала но одбрана, малку ѝ беа шест бода за осминафинале, а на Грција, на пример, за тоа ѝ беа доволни само три! Штета е што не беше награден со пат за Нант величествениот триумф над домаќинот Словенија и вицешампион од 2015 година. Штета за пропуштеното водство од 20:16 во првиот сет на стартот со Финска, кој ќе го донесеше тој еден бод што недостигаше за место меѓу 16. најдобри селекции на стариот континент.

И тука завршува тажачката, а почнува една од најубавите приказни на македонскиот екипен спорт. Седумнаесетто место меѓу 24 национални тимови во Европа пред првенството тешко дека ќе одбиеше дебитантот на големите натпреварувања. За скалпот на еден противник од европскиот горен дом, пак, сигурно ќе потпишеше со две раце. Кога на ова ќе се додадат двете сет-топки против бранителот на титулата Русија – полна капа.

Јаготката на шлагот е, сепак, големата победа надвор од теренот. Капитенот Ѓорѓиев, заедно со Љафтов, Милев, Николов, Маџунков, Деспотовски, Ангеловски и соиграчите со оставеното срце на теренот станаа миленици на нацијата. Не дека не ги имаа освоено симпатиите и досега со обратнопропорционалните резултати во однос на скромната база и услови за овој спорт во државата, но сега ставија печат на тој статус. Не ја поминаа ни групата, а камоли да се доближат до врвот, но во само два дена, со блескавите игри против Белорусија и Словенија, а посебно со односот на и вон теренот, и дефинитивно ја придобија нацијата, а не само вљубениците во спортот.

За инает на сите можни и неможни пехови при антологиските крстосувања со автобус низ Европа, кои им го донесоа прекарот „спартанци“, наспроти потсмевот од руските новинари во стилот „каков е тој одбојкарски тим само со еден двометраш (Николов, 202 см – м.з.)“, македонските одбојкари покажаа дека, кога се сака, сè се може. Љубовта кон одбојката, но и кон Македонија, во чија чест во еден глас ја пејат химната со раката на срцето, а секоја победа ја слават со „Бисер балкански“ и со македонско оро, на чудесен начин ги надминува објективните ограничувања на националната селекција во, по многу нешта, потценетиот спорт во земјава.

Токму тој наратив што неодоливо потсетува на приказната за Давид и Голијат им дојде на Македонците како мелем на отворената рана од раздавањето безмалку на сè што им е свето во ова тмурно (не)време. Одбојкарите им ја вратија насмевката, им ја разбудија гордоста, им ја воскреснаа надежта дека еден ден ќе се изборат за македонските правдини. Како Ѓорѓиев, Љафтов или Милев со противничкиот блок…

SHARE