Одбојкарите израмнија, па потонаа против Турција

Еден извонредно одигран и добиен сет беше доволен само за достоен пораз на одбојкарската репрезентација на Македонија од 3:1 против фаворитот Турција во квалификациите за Европското првенство.

Со 25-18 во вториот сет „црвено-жолтите“ ги „поништија“ оние 25-16 на Турците во првиот, но по израмнувањето се изгубија на теренот во арената „Борис Трајковски“, па останатите два сета ги доби противникот со 25-18 и 25-12.

Иако во подредена положба, од македонскиот состав е првото име на средбата, капитенот Никола Ѓорѓиев, кој прокнижи 18 поени.

Шансата за пласман на второ ЕП едноподруго избраниците на селекторот Никола Матијашевиќ ќе бараат во двата преостанати меча во Скопје – утре од 17:30 часот со Босна и Херцеговина и во реваншот со Турција в сабота.

Победникот на групата оди директно на еврошампионатот, на кој ќе има место и за пет од седумте второпласирани селекции во квалификациите.

SHARE