Грција има малку за славење и покрај тоа што ја заврши третата програма за финансиска помош, бидејќи мерките на штедење ќе останат во земјата уште најмалку две години, вели грчки академик.

Грција останува во рацете на своите доверители и е во „неформална“ четврта програма за финансиска помош.

„Грција веќе презеде многу обврски за следните две години, кои не се драматично различни од претходните (спасувачки –н.з.) програми“, вели Панос Цаклоглу, професор по економија на Атинскиот универзитет, за Си-Ен-Би-Си.

Од ове причини,тој тврди дека, општо земено, Атина влезе во „неформална“ четврта програма, за спас.

Премиерот на Грција Алексис Ципрас денес од островот Итака, родното место на митскиот Одисеј од истоимениот еп на Хомер, симболично најави дека грчката  должничка  „одисеја“ е завршена.

„Од денес, со визија и одлучност започнуваме нова ера за нашата татковина со претпазливост и одговорност, за никогаш да не се вратиме назад кон Грција со дефицити и банкрот“, рече грчкиот премиер.

Лидерот на опозициската Неа демократија денеска изјави дека „Симболизмот на Итака е лажен“, бидејќи по третиот „непотребен“ меморандум за Ципрас, започнува четвртиот неформален меморандум.

„Ние не стигнавме на крајот на патот“, рече Кирјакос Мицотакис, одговарајќи на пораката на премиерот, бидејќи „денешното ефтино финансирање завршува, но тешките мерки и тешки заложби потпишани од Ципрас продолжуваат“.

Сега започнува четвртиот неформален меморандум со штедење, кратења, зголемени даноци и давачки…и многу строг надзор, вели Мицотакис.