Одложување на обврски: Управување со емоции, не со времето – Кариера и личен развој

Откријте ги вистинските причини зошто ги одложувате обврските и ќе почнете да ги остварувате вашите цели.

Како многу писатели, така и јас сум врвен експерт за одложување на обврските. Кога треба да работам на некоја задача, а рокот се наближува, седам и гледам бесмислени политички интервјуа или најдобри моменти од натпревари во бокс на Youtube (видеата со мачки не ми се омилени). Во најлош случај речиси почнувам да се чувствувам малку лудо – треба да работиш, си велам себеси, па што правиш да му се сневиди?

Според традиционалната мисла – сè уште поддржана од универзитетските центри за советување ширум светот, како што се Универзитетот во Манчестер во Обединетото Кралство и Универзитетот во Рочестер во САД – јас, заедно со моите колеги одложувачи, имам проблем со управувањето со времето.

Според ова гледиште, јас не сум проценил во целост колку долго ќе трае мојата задача и не посветувам доволно внимание на тоа колку време во моментот трошам на „безделничење на интернет“ (cyberloafing). Со подобар распоред и подобро искористување на времето, според оваа логика, ќе престанам да ги одложувам обврските и ќе продолжам со мојата работа.

Меѓутоа, сè повеќе и повеќе психолози сфаќаат дека ова не е во ред. Експерти како Тим Пичил од Универзитетот Карлтон во Канада и неговата соработничка Фускија Сирој од Универзитетот во Шефилд во Обединетото Кралство предложија дека одложувањето е проблем со управувањето со нашите емоции, а не со нашето време.

Одложувањето на задачата прави да се чувствуваме лошо – можеби е досадна, премногу тешка или сме загрижени дека нема да успееме да ја завршиме – па за да се чувствуваме подобро започнуваме да правиме нешто друго, како гледање видеа.

Хроничното одложување е поврзано со трошоците за ментално и физичко здравје, од депресија и анксиозност до кардиоваскуларни заболувања.

Оваа свежа перспектива за одложувањето на обврските започнува да отвора возбудливи нови пристапи за намалување на навиката; дури и може да ви помогне да го подобрите вашиот пристап кон работата.

„Самостојната промена од кој било вид не е едноставна работа и најчесто важи старата поговорка за два чекори напред и еден чекор назад“, вели Пичил. „И покрај сево ова, јас сум убеден дека секој може да научи да престане да ги одложува обврските“.

Краткотрајно подобрување на расположението

Едно од првите истражувања што го поттикна емоционалниот поглед на одложувањето е објавена во раните 2000-ти од истражувачите на универзитетот „Case Western Reserve“ во Охајо. Тие прво предизвикуваат луѓето да се чувствуваат лошо (со тоа што бараа од нив да читаат тажни приказни) и покажуваат дека тоа ја зголемува нивната склоност за одложување на обврските со составување сложувалки или играње видеоигри наместо да се подготват за претстојниот тест за интелигенција.

Последователните студии од истиот тим покажаа дека лошото расположение само го зголемува одложувањето на обврските доколку се достапни забавни активности кои ќе им го одвлечат вниманието и само ако луѓето веруваат дека можат да го променат расположението.

Во една студија се користеле „свеќи за замрзнување на расположението“ за да се натераат волонтерите да мислат дека лошото расположение е ‘замрзнато’ и, во овој случај, тие не се обидувале да ги одложат обврските.

Теоријата за емоционално регулирање на одложувањето на обврските има интуитивна смисла.

Во мојот случај, не е дека не знам колку време ќе ми биде потребно за задачата (знам дека треба да работам сега) или дека не сум распоредил доволно време за гледање видеа на YouTube – всушност, јас дури не ни сакам да ги гледам тие видеа, тие само ме привлекуваат како начин да ја избегнам непријатноста на започнувањето со работа.

Во жаргонот на психолозите, јас ги одложувам обврските за да постигнам краткорочна позитивна „хедонистичка промена“, по цена на моите долгорочни цели.
Одложувањето на обврските – иако ефективно го одвлекува вниманието на краток рок – може да доведе до вина која на крајот го влошува почетниот стрес.

Исто така, гледиштето за емоционално регулирање на одложувањето овозможува да се објаснат некои чудни модерни феномени, како што е гледањето видеоснимки со мачки кои привлекоа милијарди прегледи на YouTube. Анкетата на илјадници луѓе на Џесика Мајрик од Школата за медиуми при Универзитетот Индијана го потврди одложувањето на обврските како заеднички мотив за гледање на видеата со мачки и дека нивното гледање довело до зголемување на позитивно расположение.

Не е дека луѓето не распоредиле доволно време за гледање на видеата; тие честопати само ги гледале клиповите за да се чувствуваат подобро кога требале да прават нешто помалку забавно.

Анкетата на Мајрик исто така истакна уште еден емоционален аспект на одложувањето. Многу од анкетираните се чувствувале виновни откако ги гледале видеата со мачки. Ова значи дека одложувањето на обврските е погрешна стратегија за емоционално регулирање.

Иако може да донесе краткорочно олеснување, тоа само ги складира проблемите за подоцна. Во мојот случај, со одложување на мојата работа само чувствувам уште поголем стрес, како и поголема вина и фрустрација.

Можеби не е ни чудно што истражувањето на Фускија Сирој покажа дека хроничното одложување на обврските – односно, склоност кон редовно и долготрајно одложување на обврските – е поврзано со низа негативни ментални и физички здравствени последици, вклучувајќи анксиозност и депресија, лошо здравје како што се настинки и грип, па дури и посериозни состојби како кардиоваскуларни заболувања.

Истражувачите велат дека одложувањето ни помага да се чувствуваме подобро кога одредени задачи нè исполнуваат со негативни емоции – ако се премногу тешки или здодевни

Сирој верува дека одложувањето на обврските ги предизвикува овие негативни последици на два начина – прво, стресно е да продолжите да ги одложувате важните задачи и да не ги исполнувате вашите цели и второ, одложувањето често вклучува одложување на важни здравствени однесувања, како што се вежбање или посета на лекар.

„Со текот на времето, високиот стрес и лошото здравствено однесување имаат синергистички и кумулативен ефект врз здравјето, што може да го зголеми ризикот од голем број сериозни и хронични здравствени состојби, како што се срцеви заболувања, дијабетес, артритис, па дури и рак“, вели таа.

Сето ова значи дека надминувањето на одложувањето може да има големо позитивно влијание врз вашиот живот. Сирој вели дека нејзиното истражување покажува дека „намалувањето на тенденцијата за хронично одложување на обврските за еден бод [на скала за одложување од пет бодови] исто така потенцијално значи дека ризикот од лошо здравје на срцето би се намалил за 63 %“.

„Само започнете“

Ако одложувањето на обврските е проблем со емоционалното регулирање, ова дава важни индикации за тоа како најефективно да се реши проблемот. Пристапот заснован на терапијата на прифаќање и посветеност или „ACT“, изданок на когнитивно-бихевиоралната терапија, се чини особено соодветен.

ACT ги подучува придобивките од „психолошката флексибилност“ – односно, да можете да ги толерирате непријатните мисли и чувства, да останете во сегашниот момент и покрај нив и да им давате приоритет на изборите и активностите кои ќе ви овозможат да дојдете поблиску до тоа што најмногу го цените во животот.

Релевантно за ова е врвното истражување кое покажува дека студентите кои повеќе ги одложуваат обврските имаат тенденција да освојуваат повеќе бодови за психолошка нефлексибилност.

Односно, доминираат нивните психолошки реакции, како фрустрацијата и грижата, по цена на нивните животни вредности; овие луѓе се согласуваат со изјави како „Се плашам од моите чувства“ и „Моите болни искуства и сеќавања ми отежнуваат да водам живот што би го ценел“.

Оние кои повеќе доцнат исто така освојуваат помалку бодови за „посветено дејствување“, кое опишува колку човекот е упорен во активностите и однесувањата со цел да ги постигне своите цели. Овие луѓе имаат тенденција да се согласуваат со изјави како „Ако се чувствувам растревожено или обесхрабрено ги запоставувам моите обврски“.

Истражувањето покажува дека откако ќе се направи првиот чекор кон задачата, нејзиното завршување станува полесно

ACT ги обучува луѓето да ја зголемат нивната психолошка флексибилност (на пример, преку свесност) и нивното посветено дејствување (на пример, со изнаоѓање креативни начини за исполнување на целите кои имаат придонес за нивните вредности – тоа што им е најважно во животот), а прелиминарните истражувања кои вклучуваат студенти се ветувачки во кои ACT се покажа како поефективна од CBT во едно испитување на подолг рок.

Се разбира, повеќето од нас веројатно нема да имаат можност да се запишат на курс по ACT во скоро време – и во секој случај ќе продолжиме да го одложуваме барањето на ваков курс – па што можеме да направиме за да ги примениме овие принципи денес?

„Кога луѓето конечно ќе сфатат дека одложувањето на обврските не е проблем со управување со времето, туку проблем со регулирање на емоциите, тогаш тие ќе бидат подготвени да го прифатат мојот омилен совет“, вели Пичил.

Следниот пат кога ќе бидете под искушение да ја одложите обврската, „направете го фокусот едноставен како на пример ‘Кое е следното дејство – едноставен следен чекор – што би го презел во оваа задача ако ја започнам сега?’“.

Ова, вели тој, ви го оттргнува умот од чувствата и го фокусира на активност која може лесно да се постигне. „Нашето истражување и животно искуство многу јасно покажуваат дека кога ќе ја започнеме задачата обично можеме и да продолжиме да ја работиме. Започнувањето е најважно“.

Д-р Кристијан Џарет е постар уредник на списанието „Aeon“. Неговата следна книга, која ќе се занимава со промена на личноста, ќе биде објавена во 2021 година.

SHARE