Комисија на Обединетите нации вчера гласаше за отстранување на канабисот за медицински цели од категоријата најопасни дроги во светот, долгоочекувана и долго одложувана одлука што може да го отвори патот за проширување на истражувањето и употребата на медицинска марихуана.

Гласањето на Комисијата за наркотични дроги, чие седиште е во Виена и вклучува 53 земји-членки, разгледа низа препораки од Светската здравствена организација за преквалификација на канабисот и неговите деривати.

Вниманието беше насочено кон клучната препорака за отстранување на канабисот од Поглавјето IV од Единствената конвенција за наркотични дроги од 1961 година – каде што канабисот беше наведен заедно со опасни и многу зависни опиоиди како што е хероинот.

Експертите велат дека гласањето нема да има непосредно влијание врз олабавувањето на меѓународните контроли затоа што владите сепак ќе имаат надлежност за тоа како да го класифицираат канабисот.

Но, признавањето на Обединетите нации е симболична победа за поборниците за промена на политиката за лекови, кои велат дека меѓународното право е застарено.

„Ова е огромна, историска победа за нас, не може да се надеваме на повеќе“, рече Кензи Рибулет-Земули, независен истражувач за политика на лекови.

Тој потсети дека канабисот се користел низ историјата за медицински цели и дека одлуката во средата го вратила тој статус.

Промената, најверојатно, ќе ги зајакне напорите за медицинско истражување и легализација низ целиот свет, пишува Њујорк Тајмс.

Гласањето беше „голем чекор напред“, признавајќи го позитивното влијание на канабисот врз пациентите, рече Дирк Хајтприем, потпретседател на Canopy Growth, канадска компанија за канабис.

„Се надеваме дека ова ќе им овозможи на повеќе земји да создаваат рамки што ќе им овозможат на пациентите кои имаат потреба да добијат пристап до лекување“.

Употребата на марихуаната за медицинска употреба „експлодираше“ во последниве години и производите што содржат деривати на канабис, како канабидиол или ЦБД, неинтоксицирачко соединение, ја преплавија велнес индустријата.