Османи и Таравари: За избори мора да има консензус

Генералниот секретар на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари и Бујар Османи од ДУИ во гостување на Алсат М понараа да продолжат лидерските средби помеѓу политичките партии со цел постигнување на консензус за одредување на датум за одржување на парламентарните избори.

„Јас мислам дека партиските лидери треба уште еднаш да седнат и да разговараат и да направат уште еден обид за да најдат решение. Треба да најдеме флексибилност бидејќи, многу е важно за нас сите партии да учествуваат на изборите. Да не ни се случи некоја партија да остане надвор од изборите, за две или три недели разлика која не може да се постигне“, рече Таравари, додавајќи дека во целиот овој процес СДСМ треба да покажат многу поголема флексибилност, а не да се бетонираат на 21 јуни како единствен датум за одржување на избири.

Вицепремиерот Бујар Османи, потенцираше дека освен што треба да се постигне консензус за датум за избори, треба и да се почека да се стабилизира состојбата со пандемијата од корона вирусот, затоа што сеуште има луѓе кои што ни умираат како последица на вирусот Ковид-19.

„ Ние сакаме да се постигне консензус. Јас сметам дека, треба да се продолжи со лидерските средби за да се постигне компромис. Нема ништо трагично во тоа да се има разлики во ставовите, но тоа не треба да биде причина за нова политичка криза во време кога сеуште луѓе ни умираат. Луѓе кои што јас ги познавам, луѓе кои што вие ги познавате умираат на дневна основа. Затоа велам, да ја задржиме концентрацијата и соработката додека да се стабилизира ситуацијата. А во меѓувреме, без многу да ја оптоваруваме јавноста да најдеме компромис. Јас мислам дека има простор за компромис. Ние сме спремни за избори било кога и да се одржат, но за да се оди на избори многу е важно да се постигне консензус. Здравјето, логистичките способности и консензусот се трите константи кои треба да ги следиме“, истакна Бујар Османи.

SHARE