Останува 14-дневниот карантин при влез од Македонија во Бугарија

Четиринаесетдневната (само)изолација по влез од Македонија во Бугарија останува и од 1 јули, објави при посетата на Ќустендил бугарскиот национален здравствен инспектор Ангел Кунчев.

И во Ќустендил, и од македонската страна на границата, очекувањата беа карантинот да отпадне по 1 јули и десетици од околу 15.000 македонски граѓани со двојно државјанство, колку што се пријавени на адреса во градот, да дојдат на пазар, да платат данок и да завршат други административни обврски, јави Бугарското национално радио (БНР).

„Многу се надевавме, но утре е 1-ви, дека би имало заедничка европска одлука, зошто се подготвуваше таква и ние го дадовме своето мислење за тоа кои земји треба да бидат вклучени во забраната. Сепак, за жал, постојат многу големи разлики во ставовите на одделни земји. Единствено што е засега сигурно е дека граѓаните на најпогодените земји – САД, Русија, Бразил, Индија, сигурно нема да бидат примани во ЕУ. Идејата беше да имаме комплетен список, вклучително и за Западен Балкан, за да работиме еднакво, но досега нема заедничко решение“, изјави Кунчев.