Отворен патот за референдум: Избран новиот состав на ДИК

Со 100 гласа „за“ и ниту еден воздржан и против, Собранието го избра новиот состав на Државна изборна комисија (ДИК), исполнувајќи го на тој начин основниот предуслов за организирање на најавениот референдум наесен за договорот со Грција.

Изјаснувањето на граѓаните за договорот од Преспа, кој предвидува преименување на државата во Република Северна Македонија, се очекува да биде распишано од собранискиот спикер Талат Џафери до 30 јули за референдумот да се одржи на 30 септември. Точниот датум дополнително ќе биде утврден.

Оливер Дерковски од ВМРО-ДПМНЕ е новиот претседател на Комисијата, Дитмире Шеху од ДУИ потпретседател, а за членови се избрани Елизабета Постоловска од ВМРО-ДПМНЕ, Јанакие Витановски, Борис Кондарко и Радица Ристеска од СДСМ, како и Енвер Салиу од БЕСА.

Законодавниот дом потоа експресно ги изгласа и измените и дополнувањата на Изборниот законик, на Законот за Владата на Република Македонија и на Законот за финансирање на политичките партии, договорени на лидерската средба во понеделникот.

 

SHARE

Comments are closed.