„Видеото од бруталното постапување на полициските службеници при службена акција во Битола, јасно покажува дека полициската бруталност е присутна во нашето секојдневие. Особено нè вознемирува и загрижува што е насочена кон Ромите“ реагира денеска Фондацијата „Отворено општество – Македонија“ која остро го осудува насилството и непрофесионалното однесување на полициските службеници при постапувањето кон Ромите, што – како што се вели во соопштението – очигледно стануваат пракса на полицијата, наведено е во соопштението.

„Бараме итна, темелна и брза истрага и од страна на Министерството за внатрешни работи и од Јавното обвинителство за утврдување на дисциплинска и кривична одговорност. Бараме најстроги казни за сторителите на овој брутален израз на моќ. Институциите мора итно, јасно и недвосмислено да покажат дека сигурноста и безбедноста на секој граѓанин е загарантирана и активно да работат на враќање на довербата во полицијата, но воопшто и во институциите“, се вели во соопштението на ФООМ.