Со пресврт по негативата од 2:1 во првото полувреме, футсал репрезентацијата на Македонија ја совлада Албанија со 3:2, заврши прва во групата и се избори за полесни ривали на квалификацискиот турнир во Украина за Светското првенство 2020 во Литванија.

Покрај домаќинот, таму во октомври годинава противници на „црвено-жолтите“ ќе им бидат Словенија и Косово за првите две места од групата што водат во елитната рунда квалификации.

Директниот дуел за првото место во претквалификациската група Ц во Скопје го отвори Седат Зибери уште по 14 секунди игра за водство на Македонија, но до полувремето Албанија го сврте резултатот со головите на Бесник Реџепај и на Един Каца.

Во вториот дел триумф на Македонија ѝ донесоа Зибери со својот втор погодок во 23. минута и Таулант Исмаили една минута подоцна. Големи заслуги за победата има и голманот Антонио Петровски со четирите ефектни интервенции во клучните моменти од средбата.

Претходно на турнирот во малата сала на СЦ „Јане Сандански“ Македонија ги совлада Грција со 5:3 и Сан Марино со 7:0.

SHARE