Метју Палмер, заменик-помошник на државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, за време на денешната посета на Македонија ја нарече историска одлуката на Собрание од петокот за менување на Уставот според Преспански договор и не се сретна со претседателот Ѓорге Иванов и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, бидејќи за тоа немало потреба!

Палмер го поздрави гласањето „за“ од 80 пратеници, а посебно ги пофали осумтемина од опозицијата за храброста да гласаат за интересите на државата, а не на својата партија. Тој изрази и загриженост дека некои од нив биле изложени на притисоци и на закани.

Заобиколувањето на Иванов не го образложи, а игнорирањето на Мицкоски високиот функционер на американскиот Стејт департмент го објасни со тоа дека сè што требало да му се каже и да му биде пренесено било содржано во писмото до него од помошникот државен секретар Вес Мичел.

За раководството на најголемата опозициска партија, пак, Палмер рече дека САД се запознаени со неговата заложба за членство во Европска унија и во НАТО, но тоа им изгледало теоретски додека не го преточат во конкретна политика, каква што би била поддршката за Преспански договор.

Тој ја коментираше и објавата на профилот на Твитер на Руска амбасада во Скопје дека не го менуваат ставот за признавањето на уставното име на Република Македонија со констатацијата дека Русија нема како да го блокира во Совет за безбедност на Обединети нации договорот склучен меѓу две суверени земји.