Палмер: Македонија во НАТО до пролетта 2020 година

Заменикот-помошник државен секретар на САД, Метју Палмер, денеска од Сараево порача дека Македонија би можела да му се приклучи на НАТО во почетокот на 2020 година ако го спроведе договорот со Грција и се преименува во Северна Македонија.

Високиот американски функционер изјави дека Македонија би можела да стане 30. членка на Алијансата „најрано за 18 месеци од сега“.

„Тоа е целосно реален таргет-датум“, рече тој.

Палмер уште еднаш изрази загриженост за „малигното влијание“ на Русија во Западен Балкан, вклучувајќи ги и напорите да се поткопа одлуката на Македонија за зачленување во НАТО.

„Кремљ гледа да ги унапреди своите интереси во регионот преку конфликт, недоверба, неред“, објасни претставникот на Стејт департмент за југоисточна Европа, додавајќи дека Русија е првенствено фокусирана на туркање на „нејзините визии и цели, кои сè повеќе им се спротивставуваат на нашите“.