Досегашниот Апостолски егзархат во Македонија, воспоставен во 2001 година од папата Јован Павле Втори, со одлука на сегашниот папа Франциск од денеска е воздигнат во епархија под наслов „Успение на Пресвета Богородица во Струмица – Скопје“ за католиците од византиски обред во земјава.
Досегашниот скопски бискуп и апостолски егзарх Киро Стојанов е именуван за прв епарх на новооснованата епархија. Тој и понатаму ќе биде скопски бискуп за католиците од римски обред во Македонија, а во исто време и епарх за католиците од византиски обред.
Ваквата одлука на папата Франциск денеска напладне ја соопшти апостолскиот нунциј во Македонија, Анселмо Гвидо Пекорари, во присуство на монсињор Стојанов и на свештенството во Бискупската резиденција во Скопје. Веста истовремено е објавена и во Ватикан.
Еден процент од населението во Македонија се католици или околу 20.000, од кои 15.000 на византискиот обред и 5.000 на латинскиот.