Првпат во историјата папата Франциск вечерва, на Велипеток според грегоријанскиот календар, го предводеше Патот на крстот пред базиликата Свети Петар во Ватикан без присуство на верници поради пандемијата на коронавирус.

Церемонијата обично се одржува во римскиот Колосеум, а традицијата датира од 18. век, ги означува маките на Господ и е дел од одбележувањето на Велигден за време на Големата недела.

Славниот италијански тенор Андреа Бочели, пак, на католички Велигден в недела ќе одржи концерт во катедралата Дуомо во Милано, исто така без присуство на публика.

„Верувам во силата на заедничката молитва, во Велигден, во универзалниот симбол на повторното раѓање кој сега му е потребен секому, без разлика дали е верник или не“, изјави Бочели.

Тој, придружуван на оргули од Емануел Вијанели, ќе изведе некои од најголемите дела како „Санта Марија“ од Пјетро Маскањи, а концертот ќе се пренесува директно на каналот на Бочели на Јутјуб.

Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека Велигден годинава ќе биде сосем поинаков, а посебниот глас на Бочели ќе биде прегратка што им недостига на сите овие денови, силна прегратка, која ќе може да го згрее срцето на Милано, на Италија и на светот.