Парондо: Со 500 евра не може да се живее во Македонија, но не очајуваме!

Тренерот на ракометарите на Вардар, Роберто Гарсија Парондо, за шпанскиот дневен спортски лист „Ас“ открива дека сезонава биле исплатени само еден месец, а потоа секој нареден добивале по 500 евра.

„Со 500 евра не може да се живее во Македонија, па која некој има потреба, му ја изложува на претседателот и добива одредена сума“, објаснува Шпанецот на клупата на македонскиот и регионален првак.

Тој очекува на крајот од сезоната да бидат подмирени сите побарувања, бидејќи „претседателот го призна долгот пред нотар и гарантира дека никој нема да остане без тоа што му следува, а екипата не очајува и покрај тоа што состојбата не е идеална“.

Парондо потсетува дека пред четвртфиналето од Лига на шампиони против Пик Сегед клубот им порачал на играчите да се пакуваат.

„Ни беше кажано дека нема иднина, да си побараме друга средина за следната сезона, бидејќи Вардар пропаѓа. За среќа, сега се зборува дека е можно да се најде некакво решение и тоа ќе биде добро за ракометот и за Македонија ако Вардар опстои, макар и на пониско ниво“, вели 39-годишниот мадриѓанец, кој од пред неколку дена е нов селектор на Египет.

„Кога дознале за иднината и за проблемите на Вардар, ми се јавија, ми испратија авионски билет и веднаш се договоривме“, додава тој.

За дуелот со Барселона во полуфиналето на завршниот турнир од ЛШ на 1 јуни во Келн, Перондо вели: „Тие се максимално посветени и многу професионално се однесуваат. Можам само да им порачам да уживаат и, што и да се случи на теренот, се гордеам со нив. Ќе бидат на местото каде што ќе биде собрана светската елита, а таму резултатот нема да зависи од парите“.

SHARE