Патријарсите Кирил и Вартоломеј влегоа во отворен конфликт за Украинската православна црква

Руската православна црква од денеска го запира учеството во сите структури кои ги раководи Цариградската Патријашија.

Синодот на РПЦ оваа одлука ја донесол како реакција на намерата на Цариград да ја признае независноста на Украинската Православна Црква.

„Одлучивме да го суспендираме заедничкото учество во црковните органи кои што се ко – раководени или предводени од претставници на Константинопол“, се вели во изјавата на Митрополитот Иларион од Руската црква дадена денеска по вонредната средба на Синодот на РПЦ во Москва.

Одлуката не значи дека двете цркви целосно ги прекинуваат односите, вели Иларион кој вели дека се работи само за учеството на РПЦ во некои меѓуцрковни организации.

Оваа одлука се смета за предупредување на Москва до Константинопол, вели Иларион кој што не исклучува дека руската црква може да ги прекине сите односи со Константинопол ако од таму ја признаат независната Украинска црква која сега е под контрола на Москва.

Чекорот на РПЦ следува откако патријархот Вартоломеј испрати свои егзарси во Киев и со тоа го наруши ставот на Константинопол дека Украинската црква е дел од Руската сфера на влијание.

За РПЦ испраќање на егзарх во Киев е знак дека Вартоломеј се подготвува на признавање на Украинската црква како независна од руската.

Решението на спорот за Украинската црква е многу важно и за Македонската православна црква – Охридска Архиепископија.

Набљудувачите на спорот не исклучуваат дека околку дојде до договор меѓу патријарските Вартоломеј кој се смета за прв меѓу еднаквите во православието и рускиот патријарх Кирил кој има најголем број верници и митрополити под своја контрола, слично решение може да се најде и за МПЦ – ОА.