Павле се јави и пропадна подлабоко (Во владината фотеља) – пишува Горан Момироски

Никогаш не е лесно да се конфронтирате јавно со луѓе кои што ги познавате со години особено ако имате за нив став дека во најголем дел од времето се разумни, рационални и не и мислат лошо на Македонија.

Павле Трајанов е еден од нив. Умерен, упорен, прилагодлив, човек што покажувал принципи и достоинство кога било најтешко, и при независноста како дел од МВР, и во 1999 година за време на Косовската криза, и кога беше министер на ВМРО-ДПМНЕ и во владеење на Груевски кого го напушти кога се распадна неговиот систем.

За негативните карактеристики на секој политичар кои ги има и Трајанов како Лидер на Демократскиот сојуз не мора да трошам зборови.

Она што е денеска предмет на анализа е лицемерното и навредливо соопштение на неговата партија која заедно со него денеска се однесуваат како двојни личности.

Демократски сојуз: Разнишани се темелите на државата!

Демократскиот сојуз е дел од власта, има свои бројни функционери во владеачката коалиција. И таму мислат дека со едно манипулативно соопштение ќе ја избришат сопствената одговорност за ова што ни се случува.

Павле Трајанов лично е Национален координатор за имплементација на Националната платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи на Република Македонија.

Има ли поголема несреќа и катастрофа од разнишување на столбовите на државата е централното прашање за Трајанов.

Иако според законот неговите ингеренции не се во доменот на апсење на Боки 13 и другите инволвирани, тој има и материјална и морална обврска не само да ламентира туку да ги преземе чекорите кои ги бара од другите во Владата.

Се додека седи во својата удобна фотеља и од таму ни зборува за катастрофата со која се соочува Македонија, џабе везе.

Соопштението на Трајанов и ДС може да не биде доживеано како подбишега со целата јавност само ако уште денеска партијата донесе одлука ја напушти владата која дозволи Боки 13 да биде врховен Бог на правдата, медиумите и бизнисот.

Исто како што пред еден месец реагираа за Гоце Делчев и помислија дека се испраа за соучесништвото во обидот за уништување на македонската историја, култура и идентитет.

Ако веднаш не го замрзнат учеството во владината коалиција Трајанов и ДС за мене ќе станат само манипулатори со јавноста и ништо друго.

Соопштенија може да се добри за во опозиција. Кога сте на власт и барате чекори а не преземате ништо тогаш сте само обични шегобијци загрижени само за своите фотељи.

Трајанов како искусен експерт за безбедност ем човек директно надлежен и платен да спречува катастрофи е меѓу најодговорните за националната катастрофа што ни се случува.

Ако не можел да види дека Македонија ќе остане без правосуден систем, или ако се обидел а некој му забранил да ја превенира катастрофата тогаш нека каже јавно.

Да се објави соопштение во кое ќе се каже тоа што сите го гледаме а тоа е дека дојдовме на прагот на “Пропадната држава” и да се мисли дека е спасен образот на Трајанов и ДС е наивно и навредливо.

П.С.

На Трајанов и ДС им препорачувам во обидот да се одговорат на овој текст да не ги ставаат во погон своите инсталации во Агенцијата за разузнавање и другите служби за безбедност затоа што тоа нема да биде добро за никого, најмалку за нив.

SHARE