Напуштање на тезгите најавуваат пазарџиите и протестирање по улици за да го искажат незадоволство. Тие бараат целосно да се укине Законот за трговија на зелените пазари, чие донесување е одложено за една година.

Тие не сакаат да плаќаат нови давачки за добивање на лиценца за работа и застанаа на страна на „колегите“ пензионери на кои според новиот Закон им се забранува да продаваат на тезгите.

„Кога ќе го земете законот и ќе го протолкувате, секоја одредба ќе видите дека е неправедна за нас. И за пензионери и за регистрирани луѓе, јас како невработена. Секоја точка буквално е против нас“, рече Маја Стојановска, претставник на пазарџиите, за Алсат М.

Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека закон мора да има.

„Имаме време, Законот е одложен на една година, законското решение нема да биде вакво какво што е, туку во преговори со засегнатите страни ќе го најдеме соодветното решение“, вели Бектеши.

Законот кој требаше да стартува од нова година властите го одложија за следната година. Трговците бараат негово комплетно укинување.

SHARE