Блазе си им на земјите со државници што се разбираат од информатичко-комуникациски технологии. Каква благодат е тоа можат да потврдат, на пример, граѓаните на Македонија и на Бугарија.

„Северна Македонија во 2030 година ја замислувам како дигитална земја и верувам дека сме на добар пат. За неколку месеци очекувам земјата да биде полноправна членка на НАТО. Тоа ќе биде гарант за безбедноста и ќе ги зголеми можностите за инвестирање во ИКТ-секторот“, изјави претседателот Стево Пендаровски по средбата со членовите на Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ.

Ете каде лежел зајакот. „При бидејќи“ не сме биле во НАТО, не ни била загарантирана безбедноста и затоа биле мали можностите за развој на најбрзо растечкиот сектор, мудро ќе заклучи шефот на државата. Тоа што ни Тајван не е во НАТО, а богами и никој жив не може да му ја гарантира безбедноста покрај Кина отаде морето, па, сепак, спаѓа меѓу водечките производители на ИКТ-продукти во светот, е само исклучок што го потврдува правилото, нели претседателе?

Логиката на Стево може да послужи за одгатнување зошто, да речеме, „Фејсбук“ и „Гугл“ веќе две години по најавата од премиерот Зоран Заев цупкаат на граница, нетрпеливо чекајќи да влезат и да истурат вреќи со долари во „дис бјутифул кантри“. Чекале, сигурно, да си ја обезбедиме безбедноста и час поскоро ќе нагрнеле во јато со НАТО. Како што навалија во Албанија по влезот во Алијансата, кхм, кхм…

Среќа за регионот е што Пендаровски не е осамен љубител и поддржувач на современите технологии. Првиот северномакедонски „президент“ во тој поглед секогаш може да се потпре на Бојко Борисов. Не поминува обраќање на бугарскиот премиер без омилените фрази „дигитална инфраструктура“, „дигитална трансформација на Западен Балкан“, „дигитална поврзаност“, „дигитална агенда“. Борисов и неговата партија ГЕРБ дадоа дури и еврокомесарка за дигитална економија и општество (Марија Габриел), а Софија лани беше домаќин и на Дигитален самит. И на толкава дигиталоманија, роамингот меѓу Македонија и Бугарија не само што не е укинат, како што најави првиот човек на бугарската Влада уште пред две години, туку цените и понатаму се како да си свртил небаре во Боцвана.

Тоа, сепак, не влијае на срдечноста меѓу Пендаровски и Борисов, како што можеше да се увери и српската премиерка Ана Брнабиќ неодамна во Сараево. Таа е сведок дека, кога ќе се сретнат двајца блиски по дигитална линија, нема ништо понормално од она на Стево „љубави, како си ти“ при ракувањето со Бојко. Навистина, уште се далеку обајцата од Ѕингота и легендарната „ќе градимо софтвере“, но на добар пат с(м)е, што би рекол петтиот станар во вилата „Водно“ од осамостојувањето.

SHARE