Петрич на нозе поради сино-бело знаме со сонцето од Кутлеш и со натпис „Македонија е грчка“

Развеано сино знаме со бел крст со сонцето од Кутлеш во средина и со натпис „Македонија е грчка“, поставено врз адвокатска канцеларија во центарот на градот, ги налути жителите на Петрич, кои актот го нарекоа „богохулење“, пишува бугарскиот весник „Струма“.

Според лидерот на градската организација на ВМРО на Каракачанов, Борис Лазаров, „знамето е пример што најдобро зборува за отстапување од позициите на патриотизмот и за обожавање на туѓото“. Чинот го осуди и неговиот сопартиец и нов пратеник Стојан Божинов, според кој „таквите Бугари како (адвокатот) Ташев се одговорни за сите несреќи што Бугарија ги претрпе низ вековите!“.

Наместо адвокатот Красимир Ташев, објаснување дава неговата сопруга Антоанета Јанчева, која е заменик-управителка на областа.

„Во натписот нема ништо антибугарско. Провокацијата е токму во обратна смисла – дека современа Македонија е бугарска. Ѕвездата од Вергина датира од антиката. Официјалниот бугарски став по тоа прашање е ист! А инаку јас исто така сум против такви провокации кон Северна Македонија, со оглед на почнатата политика на зближување“, вели таа во изјавата за весникот.

Јанчева додава дека нејзиниот сопруг знамето го добил од клиенти од Грција и го развеал над канцеларијата за мајтап.

„Во секој случај, ќе го советувам да го собере вечерва, бидејќи нашите сограѓани не можат да ја разберат пораката“, уверува таа.

SHARE