Од „морето“ дезинформации и шпекулации за тоа како екс-премиерот Никола Груевски побегнал на 11 ноември, порталот „Окно“ издвојува 5 како „најфлагрантни во својата невистинитост“, кои немаат никаква врска со реалноста и се покажаа комплетно неточни.

Истрагата за бегството Груевски уште трае што можеби беше и причина на новинарите да изнесуваат свои теории:

-Груевски во вилата на Орбан
Една телевизија објави „ексклузивна информација“ дека Груевски по бегството се наоѓа во вилата на унгарскиот премиер Виктор Орбан, а дека првата вечер во Унгарија ја поминал во хотелот „Коринтија“ во Будимпешта.

И двете дезинформации беа експресно демантирани, потсетува „Окно“.

-Фотографиран на премин кон Албанија
Албански медиум објави фотографија од Груевски, наводно сликан на граничниот премин Хани Хоти помеѓу Албанија и Црна Гора, а македонски и унгарски медиуми ја презедоа.

Но, фотографијата е принтскрин од видео направено на 21 декември 2017.

-Преправен во женско
Професорот Владо Камбовски во едно интервју рече дека Груевски „можеби и во женски алишта се скри и побегна од Македонија“ .

Унгарски медиуми буквално го сфатија професорот и објавија текстови со таков наслов, што, пак, некои македонски медиуми ја објавија како ексклузивна вест.

-Летал со авион на „Малев“
Груевски патувал маскиран со очила и шапка и од Тирана до Будимпешта се возел со авион на компанијата „Малев“, објави српски весник.

Но, унгарскиот национален авиопревозник „Малев“ не лета од 3 февруари 2012 година, а повеќе не ни постои како фирма.

-Поминал граница со бугарски пасош
Една национална ТВ пренесе информација од унгарски медиум дека Груевски патот Скопје-Будимпешта го поминал со бугарски пасош.

И ова беше веднаш демантирано а бугарскиот премиер Бојко Борисов, кој написот го нарече лажна вест, пишува „Окно“.

SHARE