По 40 дена Владата, обвинителството и МВР молчат за Груевски

Речиси 40 дена откако Груевски избега во Унгарија а Јавното обвинителство и МВР отворија постапки за да откријат како тој избегал од земјава и кои службени лица треба да сносат одговорност, нема напредок ниту информации во истрагата.

Основното јавно обвинителство за организиран криминал пред повеќе од 4 недели соопшти дека почнува предистражна постапка за предмет по допрен глас и дека е издадена наредба за прибирање податоци.

Но се до денес нема никаква објава до каде е истрагата за која се очекуваше да заврши за само неколку дена.

Тогаш обвинителството објави дека постојат основи на сомневање дека одредени службени лица, злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластување, му овозможиле на Груевски нелегално да ја напушти Македонија, но засега нема потврда за индициите јавно искажани од ОЈО.

По повеќе од 5 недели молк и од МВР каде се отворени две постапки: во едната се проверува дали имало помагачи меѓу полицајците, а во другата, како и со чија помош се случило бегството.

Тогаш за експертската јавност немаше дилеми дека одговорноста е во МВР и во судот.

Зошто ЈО и МВР молчат за случајот со политичкиот азил во членка на ЕУ кој докажа дека во Македонија има селективна правда и судско обвинителска пракса во која поради политички реваншизам се кршат правните процедури, засега никому не му е јасно.

За многу поедноставни случаи досега и МВР и обвинителството многу побрзо завршувале истраги и затоа е чудно зошто сега и по речиси 40 дена нема никаква информација за јавноста која смета дека МВР е најголемиот виновник за бегството на Груевски.

МВР и ЈО го разочараа и премиерот Заев кој 20 дена по бегството рече дека знае се што се случувало во скандалот.

“Ги знам сите детали, целосно сум информиран. Кога ќе дојде време јас и министерот Спасовски ќе ги кажеме сите детали од истрагата и за делот на внатрешната истрага на МВР и за делот на Јавното обвинителство”, изјави на крајот на ноември премиерот Зоран Заев за текот на истрагата околу бегството на Никола Груевски.

Три недели подоцна иако Заев според сопственото признание долго време ги има сите информации, МВР и ЈО се уште молчат за скандалот на годината во Македонија.

SHARE