По дуелот Заев и Мицкоски си упатија пораки на Фејсбук

По стоте минути дуел синоќа во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски си упатија пораки и преку Фејсбук.

Заев, одново, го повика Мицкоски да го поддржи Законот за јавното обвинителство и го обвини дека во спротивно го кочи добивањето датум за преговори со ЕУ :

„СЈО е веќе создаден институционален капацитет и нема потреба да го уништуваме. Напротив, како него треба да се водат сите други. Затоа со новиот закон, СЈО, ќе биде оддел во јавното обвинителство со јасни ингеренции. Проблемот за опозицијата е што очигледно сака да го штити криминалот, па не го поддржува овој реформски закон.

Одговорете на едноставно прашање: дали сакате Северна Макеоднија да напредува или сакате да ја видите закочена и повторно да не добие датум за преговори, кој го чекаме од 2005 година?“, напиша Заев на Фејсбук.

Мицкоски, од своја страна, одново се наврати на неодговореното прашање на премиерот  на кој јазик зборуваат Македонците во Егејска Македонија.

„На Заев му беше срам, се плашеше, се препелкаше, не сакаше да изусти дека Македонците во Северна Грција, во Егејскиот дел на Македонија зборуваат македонски јазик, затоа што со договорот ги избриша. А неговиот министер прати дипломатска нота во која што појаснуваше дека не е тој народ македонски, туку дека станува збор за етницитет“, напиша Мицкоски на Фејсбук.

SHARE