По едно општество за сите – Пишува Роберт Димитриевски

Ете што значело „интеграција“ во името на Демократската унија: сите на купче, интегрирани сами со себе.

Влезе ли некој нивни во државна институција како раководител, ете ти ги сопартијците за сефте и на честито. А бидејќи, откога дојде животот, се интегрираа со фотелјите како никогаш дотогаш, машала, под 15 души не доаѓаат на бакни рака. Така беше кога Таљат стана спикер, така и сега со вселувањето на првиот вицепремиер во новите простории на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.

Толку се внатрепартиски интегрирани што често не можат да одолеат на искушението да го споделат тоа со јавноста, како во случајот со роденденската прослава на лидерот. Со неа покажаа и нов вид интегрирање: приватно-партиска забава во државен објект.

Тоа што едно од основните демократски начела во секоја нормална земја е одвојувањето на партијата од државата и обратно не се однесува на ДУИ и на Македонија. Од проста причина што таа веќе подолг период не е нормална земја, посебно откога почна да ги интегрира во своите структури демократскиве унионисти. Затоа и заедничкото фотографирање без маски среде епидемија на смртоносна болест, додека стотици граѓани секојдневно плаќаат казни за тоа, е сосем нормално за држава во која одамна – паднаа маските.

Интегративците успеаја да внесат уште еден „квалитет“ во интегрирањето – сите државни институции создадени првенствено за остварување на интересите на најголемото малцинство во државава ги интегрираа во еден објект. Така, под ист покрив се најдоа Агенцијата за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните, Државниот инспекторат за примена на јазиците, Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Дирекцијата за афирмација на културата на припадниците на заедниците, Дирекцијата за развој на образованието на јазиците на припадниците на заедниците и Албанскиот национален ансамбл. 

Злобниците не заборавија да забележат и дека зградата е на десната страна од Вардар. Што и да им значи тоа…

Арно ама, цело е кога има сè, а ДУИ засекогаш ќе го прогонува една колосална неблагодарност додека се расфрла со триумфализам. Премиерот им дојде на отворањето, а тие не го почестија ни со едно парче торта од таа со клучот што ја сечеше почесниот доктор на Државниот универзитет во Тетово.

Срам да им е! Човекот глумеше како Марлон Брандо во „Кум“ пред изборите дека божем многу им е лут, за веднаш по нив саноќ и севезден да им симнува ѕвезди од небото, пола држава им даде да управуваат, од уста не го вади она „едно општество за сите“, а тие да ти сакале – „по едно општество за сите“.

SHARE