Македонскиот активист од Словенија, Андреј Дочински, ја доби битката со тамошниот државен радиодифузер за употребата на непостоечката кратенка СМА за Македонија во спортската програма.

Како претставник на граѓанското здружение за словенечко-македонско пријателство, Дочински упати писмено барање за исправка до спортската редакција на РТВ Словенија, чиј уредник Грегор Петернел се извини за грешката по укажувањето дека меѓународната кратенка за Македонија и понатаму е МКД.

Дочински, кој е претседател на Синдикатот за здравство на Словенија и на неодамнешните европски избори беше кандидат за европратеник на Словенечка национална странка (СНС) на Змаго Јелинчиќ, во писмото до Петернел протестира и за употребата на придавката „северномакедонски“ за спортистите од Македонија, нагласувајќи дека таа е навредлива за Македонците.

Еден од организаторите на двата протеста на Македонците од Словенија против промената на името во Љубљана и во Крањ минатата година во писмената реакција напомнува и дека употребата на придавката „македонски“ и на именувањето на народот со „Македонци“ не е забранета.

„Иако политичарите во Македонија, и покрај референдумското отфрлање на новото име од страна на македонскиот народ, државата незаконски ја преименуваа во Северна Македонија, на таков начин не можете да го преименувате народот“, вели Дочински во протестот.

Петернел, пак, во името на својата редакција и телевизиска куќа во одговорот открива дека на ова прашање посветиле внимание многу часови во подготовката на своите новинари, „но во слободниот говор на репортерите се провлекуваат грешки“.

SHARE