Фудбалската репрезентација на Македонија остана непоразена и во второто гостување во квалификациите за Европското првенство 2020, играјќи 1:1 со Израел во Бер Шева, резултат со кој ремизираа и со Словенија во Љубљана.

Бодот со кој е прекината мини серијата од два домашни пораза од Полска и од Австрија го донесе Аријан Адеми со прецизниот удар со глава во 64. минута, девет минути откако домаќинот поведе преку Еран Захави.

За Македонија ова е деветти меч без пораз од последните десет на гостински терен, каде што има четири победи и пет нерешени.

По пет одиграни натпревари во групата Г избраниците на селекторот Игор Ангеловски со пет бода се израмнија со четвртопласираната Словенија, која утревечер ја пречекува водечката Полска, а Австрија ќе го нагости „фенерџијата“ Летонија.

Токму Летонците се следниот противник на „црвено-жолтите“ в понеделник од 20:45 часот во Рига.

SHARE