Победа во Турција, ново ЕП за македонските ракометари

Македонија ја совлада Турција со 26:25 во Ескишехир и едно коло до крајот од квалификациите обезбеди пласман на Европското првенство 2020 за ракометари.

Иако минимален, триумфот и во вториот дуел со Турците ги задржа „црвено-жолтите“ на врвот во третата група и поради неочекуваното реми 28:28 меѓу Грција и Исланд во Кожани.

Македонски јунак на гостувањето во Турција беше голманот Никола Митревски, кој одбрани удар во последната секунда и спречи непријатно изненадување, кое го најави и водството на домаќинот од 13:11 на полувреме.

Во вториот дел противникот имаше предност и од 19:15, пред фаворитот да почне да ја оправдува таа улога со пресвртот за водство од 22:21 преку Филип Талески десет минути пред крајот.

Капитенот Кирил Лазаров со седум гола беше најефикасен во победничкиот тим, за кој Талески постигна пет погодоци, Гоце Георгиевски и Борјан Маџовски по четири, Филип Кузмановски три, а Димитар Димитриоски, Стојанче Стоилов и Жарко Пешевски по еден.

Во последното коло в недела од 18 часот во Струмица избраниците на селекторот Данило Брестовац ја чекаат Грција на реванш за поразот од 28:26 во Кожани.

Македонија води во групата со 7 бода, пред Исланд со 6, Турција со 4 и Грција со 3.

SHARE