„Пораката која Албанија и Северна Македонија, но и Србија, Црна Гора, БиХ и Косово всушност ја добија е дека не се добредојдени што и да сторат“, оценува во разговор за Дојче веле, Александра Штиглмајер од Европската иницијатива за стабилност, откако Македонија и Албанија не добија датум за отпочнување на преговори со ЕУ.
За атмосферата
по самитот говори и прашањето на прес-конференцијата упатено кон лидерите на
најважните институции на ЕУ:
„Дали сме сведоци на почеток на крајот на проширувањето на ЕУ и кои ќе бидат
последиците од тоа?“
И додека претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, видно вознемирен
објаснуваше дека е во прашање само „краткорочна криза, а не и крај на
проширувањето“, Јункер одговори:
„Доколку е ова крај на проширувањето ќе мора да се соочиме со остри критики
бидејќи ги охрабрувавме тие земји, им помагавме, ги посетувавме и дававме јавни
ветувања. Доколку сакаме да не почитуваат ќе мора да ги исполниме ветувањата“,
рече Јункер.
Штиглмајер смета дека кредибилитетот на политиката на ЕУна Западниот Балкан е на
историски минимум.
„Ова е апсолутно најниската точка на која се наоѓаме во последните 20 години
кога е во прашање политика на проширување“, вели таа.
Професорот на
Универзитетот во Грац, Флоријан Бибер не мисли дека е дојден крај за
проширувањето.
„Проширувањето не е мртво, но ќе бара повеќе време и ќе биде пофрустрирачко
одошто очекувавме“, вели тој оценувајќи дека проширувањето од „најуспешна
политика на ЕУ“ станало „колатерална штета“.