Поголеми Грци од Грците – Пишува Роберт Димитриевски

На толку самонаречени аналитичари и експерти буквално за сè – од берење мушмули до нуклеарна физика – ама баш никому да не му текне на член 1, став 10 од Преспански договор по блокадата за старт на преговори со Европска унија?! Па мораше поранешниот грчки вицепремиер Евангелос Венизелос да укаже дека според овој дел од договорот од Нивици „втората страна“ не е обврзана да го користи името „Северна Македонија“ за внатрешна употреба додека не почне да преговара со Унијата.

Ај што не им падна на ум на овдешниве „мудреци“, па уште и се најде релативизатор на толкувањето од Венизелос. Анонимен македонски учесник во изработката на договорот се запенавил за „Дојче веле“ да докаже дека професорот по уставно право на универзитетот „Аристотел“ во Солун не е во право!

Значи, Грците, кои сторија сè за да издејствуваат невидени отстапки од Македонија во замена за кревање на својата блокада за нејзината евроатлантска интеграција, ѝ велат дека може дома да се вика како сака додека не почне преговори со ЕУ. А некој одовде во нејзино име им одговара: „Нека, благодариме. Веќе се привикнавме на ‘Северна’“?!

Зад ваков шизофрен став, достоен за психоанализите на Фројд, можат да стојат две причини. Првата е типично балканскиот инает, нерационалност и свесно работење во корист на сопствената штета, само да не се признае својата погрешна проценка или дека некој друг е попаметен. Па, ако треба, ќе се трча како прле пред магаре со северничење во секоја можна пригода и предвреме, дури и без принуда, туку со добра волја! Втората логика наведува на можно „подмачкување“ за да продолжи севернизацијата и по дома, наспроти потпишаното од Димитров и здравиот разум.

Штетата со промената на името веќе е направена, немерлива е и со несогледливи последици во иднина, но секој што се почитува себеси по дебаклот со датумот би се трудел во прво време барем да го задржи тоа жарче на употреба на името Македонија, со надеж дека еден ден тоа повторно ќе го распламти огнот. Не дека кој знае колкави се придобивките од пролонгираното внатрешно користење на државното име по волја на двотретинското мнозинство граѓани според ланскиот референдум, ако во меѓународните односи остане „Северна“, но од некаде мора да се тргне во исправањето на неправдата.

Идејата за враќање на името (Република) Македонија мора да остане жива ако Македонците се искрени за таа намера и цел. Макар и преку изводите од матичните книги на родените и умрените, имотните листови, сведителствата и дипломите, учебниците и училишните материјали и помагала, формуларите, судските одлуки итн., Македонија би продолжила да живее без чирот „Северна“ барем во нејзините граници. До поволен историски миг и констелација на односи во и надвор од државата што ќе овозможат воскреснување на името на земјата во чии темели се вградија знајни и незнајни илинденци, партизани и бранители.

Може и (многу) порано, ако пред сè Македонците имаат верба во сопствената способност да се борат и изборат за своите правдини, почнувајќи токму од името преку легална постапка што би ја добил и бруцош на Правен факултет. Или, помирувајќи се со актуелното раздавање на националните интереси, ќе се прават поголеми Грци од Грците.

SHARE