Полицајци, лекари и правосудни лица 30 месеци спасуваат насилници блиски на власта – Пишува Горан Момироски

Приказната е вистинска, луѓето се познати за дел од јавноста, професионалците во МВР, здравството и правосудството исто така.

Ја нема само правдата која во нормална држава досега сигурно ќе ставеше татко и син во исто време зад решетки.

Реалната приказна започнува во студена вечер на голем христијански празник. Извесно е дека ќе заврши со затворска казна за насилникот но и со материјални и морални санкции за тие што учествуваат во нејзиното прикривање.

За почеток основните информации за неправдата која живее две и пол години, која не е единствена но за која има толку многу докази, вклучително и видео материјали што просто е неверојатно како луѓето инволвирани во неа не гледаат дека ќе одговараат.

За што конкретно се работи?

Свештеник кој ја имал (не)среќата да живее покрај моќен медиумски играч со блиски врски во власта, со години не може да ја истера правдата затоа што моќни луѓе го штитат напаѓачот.

За инцидентот кој власта сака да го забошоти има и видео докази, но група лекари, полицајци и правосудни работници поддржани од центри на политичка моќ не дозволуваат правна разрешница на нападот кој завршил со тешка телесна повреда.

Во продолжение приказната која е шокантна, а уште пострашно е што видни луѓе го штитат насилникот кого сите го знаеме:

На ден Божиќ 2017 година, свештеник на МПЦ-ОА заедно со сопругата и трите малолетни деца се враќа дома од долг пат.

Пред неговата капија е паркирано возило кое му го блокира патот до гаражата. Свештеникот свирнува два-три пати за да излезе некој да го тргне на возилото, но драмата почнува во моментот кога сопственикот на „БМВ Х5“, јавна личност, која подоцна влегува во медиумски бизнис, наместо да се извини почнува вербално да го напаѓа и да го навредува попот.

Тогаш сопругата на свештеникот љубезно го замолува лицето облечено во женска облека да го помести возилото и му објаснува дека сакаат да си влезат во гаражата бидејќи две од трите деца се со температура, а надворешната температура е минус 15.

На тоа, бизнисменот во женска облека дрско и одговара на жената „ако ти се болни децата, што се шеташ по улицата, влези си унутра“, а потоа продолжува со навреди кон свештеникот спомнувајќи ги во пцовките и децата.

На овие навреди свештеното лице со смирен тон му одговара „девојче, нема потреба од тоа“, по што напаѓачот уште поагресивно почнува да го навредува.

Во вербалниот напад се приклучува и таткото на „шоуменот“ кој по серијата навреди и пцовки влегува во дворот на свештеникот додека овој го паркира возилото, и физички го напаѓа со тупаници додека е уште зад воланот.

Сето тоа се случува пред сопругата и трите малолетни деца.

Свештеникот успева да излезе од возилото, а напаѓачот продолжува да го удира се додека нападнатиот не падне на земја при што ја крши ногата.

Кога жртвата почнува да се жали дека е повреден, напаѓачот си заминува од дворот, како ништо да не се случило.

Во тој момент, свештеното лице и неговото семејство сигурно си помислиле дека ова е крај на ужасот.

Но, за многу кратко време ќе сфатат дека проблемите за нив туку што почнуваат, а хоророт од божиќната вечер ќе се претвори во агонија која ќе трае до денес…

Приказната за две и полгодишната агонија на свештеникот и неговото семејство продолжува утре