Полициски час во четири града во Косово по најцрниот ден со Ковид-19

Косовската Влада реши од денеска да воведе ограничување на движењето на граѓаните од 21 часот до 5 ч. во Приштина, Призрен, Урошевац и Вучитрн по денот со рекордни девет починати од Ковид-19, а потврдени се и 152 нови позитивни случаи.

Заедно со осумте жртви во саботата, бројот на починати се искачи на 75 од почетокот на пандемијата и првиот заболен на 13 март годинава.

Досега се регистрирани 3.508 лица кај кои е дијагностициран коронавирус, а бројот на активни случаи во моментов е 1.531.

Се претпоставува дека овие бројки се далеку поголеми, бидејќи дневно се вршат само 200-350 тестирања, а Владата се заложи да се прават најмалку по 500 секој ден.

Премиерот Авдулах Хоти се пожали и на раширеното верување меѓу граѓаните дека коронавирусот не постои.

„Според проценките, 30 проценти од граѓаните на Косово не веруваат дека Ковид-19 е вистински“, изјави тој, најавувајќи засилена кампања за информирање.

SHARE