Политика остави 36 дечиња со една негувателка во Чаир

Гневни родители најавуваат протест пред градинката Снежана во Чаир каде поради партиски реваншизам беа избркани две воспитачки и сега 36 деца треба да ги чува само една негувателка.

Продолжува трендот на раскинување на договори по градинките. Родителите и дечињата од групите Пчелки и Букетче  денеска се собраа пред општината Чаир. Со вознемирување и солзи во очите пред новинарите зборуваа за проблемот со кој се соочуваат, и гласно говореа дека не сакаат воспитувачките Стојне и Ратка да бидат избркани и заменети со нови, бидејќи како што велат воспитувачките биле одлични педагози, полни со креативност и љубов.

Родителите бараат да биде продолжен работниот однос за Стојне и Ратка на неопределено време. Конкретно воспитувачката Ратка работела 2 години и 6 месеци во градинката, а наместо да добие решение, добила раскинување на договорот и покрај тоа што во месец март двете воспитувачки биле волонтери.

Загрижените родители се обратиле до директорката на градинката и доставиле петиција, се обратиле и до градоначалникот на општина Чаир, а и до министерстовото за труд и социјала каде наишле на одговор дека согласностите за вработените од определено да добијат решенија за неопределно време се испратени  до општина Чаир.

Директорката на градинката, денеска за медиумите изјавила дека и на неа и било сабота, побарала да не биде вознемирувана преку викенд.

Родителите воспоставиле контакт со секретарот од општината, тој потврдил дека согласностите се стигнати, но одговор од таму се уште нема. За останатите градинки и воспитачки се стигнати согласностите, а за Снежана не.

Тие апелираат до сите институции кои се вмешани во овој случај да го расчистат проблемот, во спротивно родителите во понеделник ќе ги донеле дечињата на чување во општината. 

Ова не е прв случај на оставање на улица на воспитувачки од градинки.

Месецов 8 воспитувачки од градинката Мирче Ацев во Велес останаа без работа иако им било ветено дека ќе биде регулиран нивниот работен статус. Минатата година во Делчево биле отпуштени 12 негувателки и воспитувачки во детската градинка „Весели Цветови“, обвинија тогаш од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Министерката Царовска во септември минатата година кога го промовираше проектот за втора смена во градинките соопшти дека има недостаток од 2.000 лица во јавните установи за згрижување деца, па оттука се наметнува прашањето зошто при недостаток на кадар се бркаат луѓе со работно искуство?