Наспроти полската воена болница во Скопје, која се поставуваше една седмица, таа во Нови Пазар наменета за заболените од Ковид-19 ја монтираа за еден ден.

Началникот на Управата за воено здравство, генерал-мајорот Углеша Јовичиќ, изјави дека добиле наредба од командантот на Војската на Србија, претседателот Александар Вучиќ, и од министерот за одбрана Александар Вулин во рок од 24 часа да формираат полска воена болница покрај Општата болница во Нови Пазар.

Болницата има капацитет од 110 кревети, кој може да се зголеми на 170, а во неа ќе се лечат лесни и средно тешко заболени од коронавирус во градот во кој вчера имаше пет починати од Ковид-19.

Во Скопје, пак, мобилната болница, донација од Норвешка, со капацитет од 130 кревети, беше поставена до Инфективната клиника на крајот од март, кога скопскиот градоначалник Петре Шилегов се пофали дека за тоа им требало „неполни седум дена“.

„Меѓуинституционалната соработка вроди со плод. На крај сме со поставувањето на полската болница во близина на Клиниката за инфективни болести. За неполни седум дена. Град Скопје, Министерство за здравство, Министерство за одбрана – институции со светски стандарди на исполнителност. Благодарност до вработените“, се пофали тогаш Шилегов.

SHARE