Туристичко-угостителската комора бара дополнителни мерки од владата за надминување на штетите кои ги предизвикува мерката – затворање на угостителските објекти.

Доколку владата не ги прифати нивните предлози тие, како што рекоа, ќе мора да ги одјават работниците. Тврдат дека сегашните мерки на владата не им ги покриваат трошоците.

„Уште денеска владата треба да се изјасни за да знаеме дали работниците да ги одјавиме од работа и да можат да аплицираат за други мерки за помош. Ветуваме дека оние кои што ќе ја преживеат оваа криза ќе ги вратиме сите вработени на работа“, велат од Комората, како што пренесе „Плусинфо“.

Во секторот угостителство има над 29.000 вработени, а малите и средни компании до 50 вработени, семејните компании и претприемачите се најпогодени од новите состојби.