Помпео пристигна во Охрид

Седумдесеттиот по ред американски државен секретар Мајк Помпео пред 14 часот пристигна на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“, каде беше пречекан од министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Веднаш по пристигнувањето Помпео има средба со претседателот Стево Пендаровски во вила „Билјана“, по што ќе има средба и со премиерот Зоран Заев а подоцна ќе има и проширена средба на која ќе присуствуваат претседателот на Владата Зоран Заев, министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

На средбите со државниот врв ќе се разговара за соработката меѓу двете земји, за напредокот на земјава во процесот за членство во ЕУ и НАТО, како и за прашањата кои се однесуваат на стабилизација и просперитет на регионот.

Попладне државниот секретар Помпео и неговата придружба во која се помошникот државен секретар Филип Рикер и амбасадорката на САД во Македонија Кејт Мари Брнз, ќе ја посетат црквата Света Богородица Перивлепта во Охрид, која што беше реновирана и заштитена со средства обезбедени преку програмите на УСАИД.

Разговорите со македонскиот државен врв ќе се фокусираат и на безбедноста и можностите за економски развој на земјата. Една од темите ќе биде и дестабилизирачката улога на Русија во регионот.

SHARE