Правично застапени во глупоста – Пишува Роберт Димитриевски

Тамам ќе помисли човек дека по безмалку три децении на оваа територија што никако да стане држава е завршено со експериментите непознати за останатиот дел од светот, „генијалците“ ќе извадат од ракав нов. Откако без согласност од народот ја преименуваа Македонија и политички ја преуредија до непрепознатливост, сега ќе ја оправале економијата со „правична етничка застапеност“ и во приватните фирми?! Додека нобеловците по економија не можат да се соземат од чудото невидено, докажаниве бизнис „експерти“ најавија дека нивната голема идеја од малиот мозок ќе се реализирала преку „охрабрување“.

„Владата ќе го повика, охрабри и ќе соработува со бизнис секторот, т.е. со домашните и со странските компании да ги поддржат добрите меѓуетнички односи и вредностите на толеранција, застапеност и меѓусебна доверба и во нивните работни средини, за да се искористи целокупниот човечки потенцијал со кој располага нашата земја“, објаснуваат тие. Сакаат да кажат дека убаво ќе ги замолат, да речеме, „Телеком“, ЕВН, ОКТА, „Дрекслер и Маер“, „Макпетрол“ итн., наместо да се занимаваат со својата основна дејност, да почнат да отпуштаат работници и да вработуваат нови додека не постигнат правична етничка застапеност?!

А ако не сакаат или немаат интерес за такво нешто, ќе ги „охрабрат“ со зачестени инспекции и казни? Дури и да се согласат, врз основа на кои бројки да го прават тоа кога последниот попис се одржа во далечната 2002 година? Оттогаш се исели едно чудо народ, при што можеби е сменета и процентуалната застапеност на етничките заедници во вкупното население.

Башка, од кога тоа националноста е поважна за бизнисот од квалификациите на работниците? Каде тоа на планетата Земја вработуваат некого само поради тоа што е Македонец, Албанец, Американец, Кинез, Аргентинец или Сириец, макар не знаел ни кафе да свари или малтер да меша? Каква е таа пазарна економија, со слободното движење на капиталот, на луѓето и на идеите како основен постулат, ако државата му сугерира на приватникот кого да земе на работа, а кого не? Тоа веќе не е пазарна, ами некаков исчашен подвид на политичка економија.

Ете го зајакот! Наспроти декларативните заложби за пазарно стопанство и за создавање поволна деловна клима, последниве речиси 30 години бесконечна транзиција политиката не престана да се меша во стопанството. Најобична реклама не ти даваат ни приватни економски оператори ако „не си наш“, колку и да си гледан или читан, а камоли регуларно да добиеш тендер, субвенција или во разумен рок да оствариш некакво право. Без „бакни рака“ можеш само да „бакнеш врата“ во обезличената недојдија што глуми правна држава со тренирање строгост врз обичните (незаштитени) луѓе, а наоѓа триста изговори за да не урне дивоградби пред носот или да не затвори некој „свој“ додека не му застари делото.

„Чудим“ само што досега не им текна оваа правично застапена глупоштија, со оглед на тоа дека отпорот за сите претходни е само вербален. Ќе се развреска „и шуто, и рогато“ до три дена, а потоа сите ќе се фатат да глодаат некоја нова коска што ќе им ја фрлат овие со полна уста „едно општество за сите“ додека си ги товараат камилите.

SHARE