Правило на 5 часа – Личен развој и кариера

Правилото на 5 часа гласи: Ако не поминувате 5 часа неделно во учење, вие сте неодговорни луѓе.

„Во целиот мој живот не запознав мудар човек (за поширока тематска област) кој не читаше постојано – ниеден, нула“.
– Чарли Мангер, самоизграден милијардер и долготраен деловен партнер на Ворен Бафет

Зошто најзафатената личност во светот, поранешниот претседател Барак Обама, читаше еден час на ден додека беше на должност?

Зошто најдобриот инвеститор во историјата, Ворен Бафет, инвестираше 80 % од своето време во читање и размислување во целата негова кариера?

Зошто најбогатата личност во светот, Бил Гејтс, читаше по една книга неделно во текот на неговата кариера? И, зошто зеде двонеделен годишен одмор за читање во целата негова кариера?

Зошто најпаметните и најзафатените луѓе во светот одвојуваат еден час на ден за намерно учење (правилото на 5 часа), додека другите наоѓаат изговори за тоа колку се зафатени?

Која е нивната тајна?

Одговорот е едноставен: учењето е единствената најдобра инвестиција на нашето време што можеме да ја направиме. Или како што кажал Бенџамин Френклин, „Инвестирањето во знаење секогаш носи најголема камата“.

Овој увид е од суштинско значење за да успееме во нашата економија на знаење, но малкумина го сфаќаат тоа. За среќа, откако ќе ја разберете вредноста на знаењето, едноставно е да извлечете повеќе од него. Само посветете се на постојано учење.

Знаењето е пари

Интелектуален капитал > Финансиски капитал

„Интелектуалниот капитал е секогаш поважен од финансискиот капитал.“ – Пол Тјудор Џонс, самоизграден милијардер претприемач, инвеститор и филантроп

Ние ги поминуваме животите собирајќи, трошејќи, копнеејќи и грижејќи се за пари – всушност, кога ќе речеме дека „немаме време“ да научиме нешто ново, тоа е затоа што целото наше време го посветуваме на заработување пари, но сега се случува нешто што го менува односот помеѓу парите и знаењето.

Ние сме на почетокот на периодот кој реномираниот футурист Питер Дијамандис го нарекува брза демонетизација, во кој технологијата ги прави претходно скапите производи или услуги многу поевтини – па дури и бесплатни.
Оваа табела од книгата Изобилство (Abundance) на Дијамандис покажува како демонетизиравме производи и услуги во вредност од 900.000 $ коишто можеби сте ги купиле помеѓу 1969 и 1989 година.

Оваа демонетизација ќе се забрза во иднина. Автоматизираните возни паркови ќе ја елиминираат една од нашите најголеми набавки: автомобилот.
Виртуелната реалност ќе ги направи скапите искуства, како на пример одење на концерт или играње голф, веднаш достапни по многу пониска цена. Иако разликата помеѓу реалноста и виртуелната реалност е речиси неспоредлива во моментов, стапката на подобрување на виртуелната реалност е експоненцијална.

Иако трошоците за образование и здравствена заштита се зголемија, иновациите во овие области исто така најверојатно ќе доведат до демонетизација.

На пример, многу високообразовни институции имаат наследни трошоци за поддршка на повеќе слоеви хиерархија и за одржување на нивните кампуси.

Поновите институции наоѓаат начини за драстично да ги намалат трошоците со тоа што ги нудат нивните услуги исклучиво преку интернет, фокусирајќи се само на обука за вештини кои се високо платени и за кои постои голема побарувачка или имаат работодавци кои регрутираат студенти за да ги субвенционираат трошоците за школарина.
Новите уреди и технологии, како што се CRISPR, XPrize Tricorder, подобра дијагностика преку вештачка интелигенција и намалена цена на геномското секвенционирање ќе направат револуција во здравствениот систем.

Овие технологии и другите слични на нив драстично ќе ја намалат просечната цена на здравствената заштита со тоа што ќе се фокусираат на превенција, наместо на лекување и управување.
Додека стоките и услугите се демонетизираат, знаењето станува сè повредно.

„Централниот настан во дваесеттиот век е отфрлањето на материјалното. Во технологијата, економијата и политиката на народите, вредноста и значењето на богатството во форма на физички ресурси постојано опаѓа. Моќта на умот е насекаде и е надмоќна над суровата сила на нештата“. – Џорџ Гилдер (мислител за технологија)

Можеби најдобриот пример за растечката вредност на одредени форми на знаење е индустријата за автономни автомобили. Себастијан Трун, основач на Google X и на тимот за возење автономни автомобили на Google, го дава примерот на компанијата Uber која плаќа 700 милиони американски долари за Ото, компанија со 70 вработени која постои шест месеци, и на компанијата GM која потрошила 1 милијарда американски долари за купување на Cruise.

Тој заклучува дека во оваа индустрија „моменталната цена за талент е 10 милиони долари“.
Тоа се 10 милиони американски долари по квалификуван работник и иако овој пример е најимпресивен, сепак не важи за исклучително ретките и профитабилни технички вештини. Луѓето кои ги идентификуваат вештините потребни за идните работни места – на пример, аналитичар на податоци, дизајнер на производи, физиотерапевт – и брзо ги учат, ќе постигнат успех.

Тие кои работат навистина напорно во текот на кариерата, но не одвојуваат време од нивниот распоред за постојано учење, ќе бидат новата „ризична“ група. Тие ризикуваат да останат заглавени на дното од глобалната конкуренција и ризикуваат да ги загубат нивните работни места од автоматизацијата, како што ги загубија работниците со сина јака помеѓу 2000 и 2010 година кога роботите заменија 85 проценти од работните места во производството.

Зошто?

Сè повеќе и повеќе:
Се создаваат нови работни високо платени работни места кои не постојат денес

Учењето им овозможува на луѓето
да се искачат повисоко на скалата

Сè помалку и помалку: Вештачката интелигенција ги отстранува
ниско платени работни места од дното на скалата

Луѓето на дното на економската скала се истиснуваат повеќе, а се компензираат помалку, додека тие на врвот имаат повеќе можности и се платени повеќе од кога било досега.

Иронијата е дека проблемот не е недостаток на работни места, туку недостаток на луѓе со соодветни вештини и знаење за да ги пополнат работните места.

Една статија на Atlantic го опфаќа парадоксот: „Работодавците во индустриите и регионите со години се жалат на недостаток од квалификувани работници, а нивните поплаки се наведени во податоците за вработеност во САД.

Во јули [2015 год.], бројот на огласи за работни места го достигна највисокото ниво досега, 5,8 милиони, а стапката на невработеност беше доста под просекот по Втората светска војна. Но, во исто време, над 17 милиони Американци се или невработени, не работат, но се заинтересирани да најдат работа, или работат со скратено работно време, но сакаат да работат со полно работно време“.

Накратко, можеме да видиме како на фундаментално ниво знаењето постепено станува важна и уникатна форма на валута. Со други зборови, знаењето е пари. Слично на парите, знаењето често служи како средство за размена и складирање на вредност.

Но, за разлика од парите, кога користите знаење или го пренесувате, не го губите.

Всушност, токму спротивното. Колку повеќе давате знаење, толку повеќе:
– Го помните
– Го разбирате
– Го поврзувате со други идеи во вашиот ум
– Го градите вашиот идентитет како пример за тоа знаење

Пренесувањето знаење на кое било место во светот е бесплатно и моментално. Неговата вредност се зголемува со текот на времето побрзо од парите. Знаењето може да се претвори во многу работи, вклучително и работи што не можат да се купат со пари, како што се вистински врски и високи нивоа на субјективна благосостојба.

Тоа ви помага да ги постигнете вашите цели побрзо и подобро. Забавно е да стекнувате знаење. Тоа овозможува подобра работа на вашиот мозок. Го проширува вашиот речник, ве прави подобар комуникатор. Ви помага да размислувате пошироко и надвор од вашите околности. Ве поврзува со заедници на луѓе за кои не сте ни знаеле дека постојат.

Го става вашиот живот во перспектива со тоа што суштински ќе ви помогне да живеете многу животи во еден живот преку искуствата и мудроста на другите луѓе.

Поранешниот претседател Обама совршено објаснува зошто бил толку посветен на читањето за време на неговото претседателство во неодамнешното интервју за Њујорк Тајмс:
„Во период кога настаните се одвиваат толку брзо и се пренесуваат многу информации“, рече тој, читањето му дава можност повремено да „забавам и да добијам нова перспектива “ и „можност да се ставам на нечие друго место“. Овие две работи, додаде тој „беа од непроценливо значење за мене. Не можам да кажам дали ме направија подобар претседател, но она што можам да кажам е дека тие ми дозволија да ја одржам мојата рамнотежа во текот на осум години, затоа што ова е место кое ве напаѓа силно и брзо и не попушта“.

6 основни вештини за совладување на новата економија на знаење

„Неписмени во 21 век нема да бидат оние кои не знаат да читаат и пишуваат, туку оние кои не умеат да научат, да одучат и повторно да научат.“ – Алвин Тофлер

Па, како да го научиме вистинското знаење и како да ни исплати тоа? Шесте точки подолу служат како рамка за да ви помогнат да започнете да одговарате на ова прашање. Исто така создадов детален вебинар „Научете како да учите’ кој можете да го гледате бесплатно.
1. Идентификувајте вредно знаење во вистинско време. Вредноста на знаењето не е статична. Се менува како функција на тоа колку другите луѓе сметаат дека е вредно и колку е ретко. Бидејќи новите технологии ги развиваат и преструктурираат индустриите, честопати постои дефицит на луѓе со потребните вештини, што создава потенцијал за висока компензација. Поради високата компензација, повеќе луѓе брзо се обучуваат, а просечната компензација се намалува.
2. Научете и совладајте го тоа знаење брзо. Временските периоди за искористување на можностите се привремени. Поединците мора да ги искористат нивните предности кога ќе ги увидат. Ова значи да се биде способен за брзо учење на нови вештини. Откако прочитав илјадници книги, открив дека разбирањето и користењето ментални модели се едни од најуниверзалните вештини што СЕКОЈ треба да ги научи. Тоа обезбедува цврста основа на знаење што се применува во секоја област. Значи, кога се впуштате во нова област, имате претходно знаење што можете да го искористите за да учите побрзо.
3. Објаснете им на луѓето колку се вредни вашите вештини. Луѓето со исти вештини може да земаат многу различни плати и хонорари, во зависност од тоа колку добро можат да комуницираат и да ги убедат другите. Оваа способност ги убедува другите дека вештините кои ги поседувате се вредни и се нарекува „мултипликаторска вештина“. Многу луѓе поминуваат години совладувајќи ја основната техничка вештина, а речиси и да не одвојуваат време за да ја совладаат оваа мултипликаторска вештина.
4. Претворете го знаењето во пари и резултати. Постојат многу начини да го претворите знаењето во вредност во вашиот живот. Неколку примери се: наоѓање добро платена работа, добивање покачување на плата, градење успешен бизнис, продавање на вашето знаење како советник и градење на вашата репутација со тоа што ќе станете идеен лидер.
5. Научете како финансиски да инвестирате во учењето за да остварите најголема заработувачка. Секој од нас треба да го најде вистинското „портфолио“ на книги, курсеви на интернет и програми за добивање сертификати/дипломи кое ќе ни помогне да ги постигнеме целите во рамките на нашиот буџет. За да го добиеме вистинското портфолио, треба да примениме финансиски термини – како на пример поврат на инвестицијата, управување со ризици, минимална стапка на приход, хеџирање и диверзификација – во нашето размислување за инвестирање во знаење.
6. Совладајте ја вештината за учење како да учите. Со тоа експоненцијално се зголемува вредноста на секој час што го посветуваме на учење (нашата стапка на учење). Стапката на учење одредува колку брзо се зголемува нашето знаење со текот на времето. Земете човек што чита и запомнува една книга неделно наспроти човек на кој му требаат 10 дена да прочита една книга. Во текот на една година, разликата од 30 % значи дека едниот човек чита 85 книги повеќе.

За да го промениме фокусот од претерана опседнатост со пари на поинтелигентна и реална потрага по знаење, треба да престанеме да размислуваме дека стекнуваме знаење само од 5 до 22 години и дека тогаш ќе се вработиме и без ментален напор ќе ги поминеме нашите животи ако работиме напорно.

За да преживееме и напредуваме во оваа нова ера, мора постојано да учиме.
Напорното работење е пристап за напредување во индустриската ера. Напорното учење е еквивалентот на економијата на знаење.

Исто како што имаме минимално препорачани дози на витамини, чекори на ден и минути вежбање аеробик за одржување на физичкото здравје, треба да бидеме ригорозни во однос на минималната доза на намерно учење што ќе го одржи нашето економско здравје. Долгорочните ефекти од интелектуалното самозадоволство се исто толку подмолни како и долгорочните ефекти од невежбањето, нездравата исхрана или недоволното спиење.

Неучењето најмалку 5 часа неделно (правилото на 5 часа) е пушењето на 21-от век, а оваа статија е ознаката за предупредување.

Не бидете мрзливи. Не измислувајте изговори. Само завршете ја задачата.

„Живејте како да ќе умрете утре. Учете како да ќе живеете вечно“. – Махатма Ганди

Пред да се роди неговата ќерка, успешниот претприемач Бен Кларк се фокусираше на намерно учење секој ден од 6:45 до 8:30 часот наутро во период од пет години (2.000+ часови), но кога се роди неговата ќерка, тој реши неговото време за учење да го замени со посветување време на ќерка си. Ова е точката во која повеќето луѓе би се откажале од нивниот ритуал за учење.
Наместо да го стори тоа, Бен одлучи да го промени дневниот распоред за работа. Тој го скрати бројот на часови што го посветуваше на списокот со обврски за да издвои време за неговиот ритуал за учење.

Имајте предвид дека Бен надгледува 200+ вработени во неговата компанија „The Shipyard“ и секогаш е зафатен. Според неговите зборови, „Со работење помалку и учење повеќе можеби завршувам помалку работа во денот, но завршувам драстично повеќе во годината и во мојата кариера“. Ова воопшто не беше лесна одлука, но го одразува видот на тешки одлуки кои сите ние треба да почнеме да ги носиме.

Дури и ако немате искуство во работата, нема изговори. Можете да најдете кратки периоди на учење за време на прекините (патувања, паузи за ручек, кога нема многу работа). Дури и со 15 минути на ден, тоа се речиси 100 часа во годината. Времето и енергијата не треба да бидат изговор. Наместо тоа, тие се тешки, но совладливи предизвици. Со тоа што ќе бидете еден од ретките луѓе кои ќе се исправат пред предизвикот, ќе ги соберете сите плодови на вашиот труд.
Честопати веруваме дека не можеме да си го дозволиме потребното време, но баш напротив: никој од нас не може да си дозволи да не учи.

Учењето повеќе не е луксуз; тоа е неопходност.

Започнете го вашиот ритуал за учење денес со овие три чекори

Најзафатените и најуспешните луѓе во светот издвојуваат најмалку еден час за учење СЕКОЈ ДЕН. Па можете и вие!
Потребни се само три чекори за да создадете ваш ритуал за учење:
1. Најдете време за читање и учење дури и ако сте навистина зафатени и под огромен стрес.
2. Останете доследни на користењето на тоа „најдено“ време без одложување или без нешто да ви го одвлече вниманието.
3. Подобрете ги резултатите што ги добивате од секој час учење со употреба на докажани совети кои ќе ви помогнат да го запомните и да го примените тоа што го учите.
Во последните три години истражував како врвните изведувачи наоѓаат време, остануваат доследни и остваруваат подобри резултати. Имаше премногу информации за една статија, затоа поминав десетици часови и создадов бесплатен мастер-клас за да ви помогнам да го совладате и вашиот ритуал за учење!

Мајкл Симонс

SHARE