„Претседател на мојата земја“, „моите сограѓани коишто се идентификуваат како православни христијани“, „нашиот благочестив народ“, „нашата Црква“, „нашите граѓани од православна христијанска вероисповед“…

Среќа што турил потпис најдолу, а најгоре стои меморандумот со името на „неговата држава“, оти од тоа што му го напишал Стево Пендаровски на вселенскиот патријарх Вартоломеј ни Господ не би можел да дешифрира за која земја, народ и црква станува збор. Има среќа и што уште не почнала учебната година во „неговата земја“, бидејќи со ваков состав со триста непознати, од кој не може да се разбере ни кој, ни што точно бара, долупотпишаниот на писмото би добил „бандера“ во дневник колку што е висок.

Туку, кој ѓавол го тераше Стево да му се обрати на првиот меѓу еднаквите во православието, кога, нели, Македонија, е секуларна држава во која световната власт е одвоена од духовната? На што би личело, на пример, архиепископот Стефан, во името на истиот тој „благочестив народ“ да ѝ се обрати на Светската банка и да побара заем за надминување на коронакризата во „нашата земја“? Или реисот што ја прогласи короната за „умрено“ за таквата своја „одлука“ да му напишеше на Бан Ки Мун во името на „нашите граѓани од муслиманска вероисповед“?

Можеме да се мајтапиме и во насока дека писмото на Пендаровски не се однесува на Македонците со православна вероисповест, ниту на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, со оглед на тоа дека никаде не се наведени. Но, ѓаволот одамна ја однесе шегата во земјата на претседателот, на која не смее ни името да ѝ го спомне, а камоли тоа на народот на кој му припаѓа или, чувај Боже, на Црквата.

И да имал намера да помогне за признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА, со вакво недефинирано писание постигна само контраефект. Православен Македонец не може да не се чувствува навредено од избегнувањето да биде идентификуван и тој, и неговата држава и црква, и тоа, ни повеќе ни помалку, туку лично од претседателот!

Со вакви лупинзи само им се даваат аргументи на сите што ја оспоруваат самостојноста на македонската црква да тврдат и понатаму дека таа е плод на политичка одлука, а не на желбата и на духовните потреби на македонските граѓани од православна вероисповед. Го праша ли Пендаровски „нашиот благочестив народ“ дали сака и тој и неговата црква „да ја добијат можноста да бидат еднакви со сите останати православни христијани во светот“ на недостоен начин, како аморфна маса?

Или решил и тој, како неговиот ментор Заев, да влече политички потези во нивно име, дури и (како на референдумот за името) без добиено овластување за тоа? Освен ако така може да се протолкува експресното поздравување од МПЦ-ОА на „сочинението“ на Стево.

Само, да не излезе на крајот црквата призната, ама црквите празни. Не дај Боже!

SHARE