Признавањето Бугари во Македонија како услов за ЕУ, бара бугарски пратеник

Валери Симеонов, пратеник во Народно собрание на Бугарија, побара неговата земја да го услови гласањето за членството на Македонија во Европска унија со признавањето бугарска националност кај западниот сосед.

„Во моментов Македонија не го признава правото на самоопределување. Има признато десетина националности, но не и бугарска. Треба да поставиме услов дека тоа треба да се случи кога ќе гласаме за присоединување на Македонија во ЕУ“, изјави пратеникот на Обединети патриоти и лидер на Национален фронт за спас на Бугарија (НФСБ).

„Има непрекинато, до неодамна со полно државно учество, понижување и уништување на бугарската народност во Македонија. Да не зборуваме дека е јасно какво е потеклото на самата Македонија. Од друга страна, не можеме да му забраниме на секој граѓанин на држава надвор од Бугарија да се самоопредели како што сака“, рече пратеникот по денешната ратификација во Софија на Протоколот за членство на Македонија во НАТО.

„Од гледна точка на нашата заедничка историја, како и на блиската роднинска поврзаност од Бугарија и од Македонија, редно е луѓето да не бидат лишувани од правото и од слободата на самоопределување“, додаде Симеонов.

SHARE