Германскиот државен сервис Дојче Веле пренесува делови од интервјуа на Зоран Заев и Никола Димитров за два германски весници.
Во текстот меѓу другото се открива дека двајцата се уште продолжуваат со суптилни уцени кон ЕУ но и дека Меркел од Заев барала совет за односите меѓу Вучиќ и Тачи за Косово.
Македонскиот премиер Зоран Заев и шефот на дипломатијата Никола Димитров во интервјуа за два германски весника ја потенцираат важноста на добивањето датум за почеток на преговорите со ЕУ оваа година, пишува ДВ.
“Интервјуа со водечките македонски политичари денеска осамнаа во германскиот печат, додека Франкфуртер алгемајне цајтунг објавува и репортажа од гостувањето на премиерот Зоран Заев на дебатата во австрискиот Вахау за време на викендот.
Во пресрет на утрешниот (18.06) состанок на ЕУ министрите за надворешни работи, весникот Ханделсблат го пренесува оптимизмот на премиерот Заев дека неговата земја ќе добие позитивна одлука.
„Очекувам позитивни и јасни заклучоци кои ќе утврдат дека годинава ќе ги започнеме преговорите за членство и со тоа ќе добиеме една дополнителна мотивација за реформскиот процес во Северна Македонија“, вели Заев за Ханделсблат.
Што се однесува до оптимистичкото сценарио за иден влез во ЕУ, Заев вели дека тоа ќе зависи од обете страни.
„Во 2025 или 2030 да станеме членки на ЕУ. Не знам. Прашање е кога ние ќе бидеме подготвени за Европа, и кога Европа ќе биде подготвена за нас. Обете страни се важни. Најважно е дека реформите на тој пат ќе бидат од корист за земјата.“
Заев и во разговорот потврдува дека средбата со канцеларката Ангела Меркел во Берлин, минатата недела, за него била „охрабрувачка“.
„Канцеларката за мене е охрабрување. Но разбирам дека одлуката за почеток на пристапните преговори е во рацете на Бундестагот. Почетокот на преговорите со Македонија ќе биде дополнителна мотивација за Србија и Косово да ги продолжат преговорите за надминување на спорот. Национализмот и популизмот, не само во мојата земја, туку и во целиот регион, можат повторно да избувнат“, вели македонскиот премиер.
За влијанието на ЕУ перспективата врз земјите од регионот, Заев говорел и на дебатата во австрискиот Вахау, од каде Франкфуртер Алгемајне Цајтунг донесува поширока репортажа.
„Пред еден месец германската канцеларка го прашала (Зоран Заев, н.з.) за совет како да се придвижат преговорите меѓу српскиот и косовскиот претседател Александар Вучиќ и Хашим Тачи. ‘Јас реков, не нудете пари или слично. Понудете ја Европа’“, рекол Заев во Вахау, според ФАЦ.
И шефот на дипломатијата Никола Димитров во интервју за Тагесшпигел предупредува дека доколку ЕУ не си ги одржи ветувањата кон балканските земји, се заканува враќање на националистичките сили.
Не смееме да бидеме блокирани поради проблеми во други земји, вели Димитров за Тагесшпигел
„Фрливме се на европската карта. Но и за ЕУ ова е многу значајно. Затоа што доколку ја испуштиме шансата, тогаш и ЕУ ќе го загуби влијанието во регионот. Тогаш пораката ќе биде: Не се исплаќа да се носат тешки политички одлуки.
(…) Скептиците ќе можат да кажат: Европа не е искрена со нас, треба да бараме алтернативи“, вели Димитров.
Тој ја коментира и можноста да се одвојат Северна Македонија и Албанија од процесот на приближување кон ЕУ, како резултат на политичката криза во соседната земја и скепсата кон Тирана во европските престолнини.
„Добро ќе биде за регионот доколку и Албанија ги започне преговорите. Но истовремено, процесот на приближување може да функционира само доколку кандидатите се оценуваат согласно нивниот напредок. Успехот на една земја во регионот е охрабрување и за другите. На Балканот ни е потребна позитивна, а не негативна динамика. Поради спорот за името со Грција загубивме цела една генерација на патот кон ЕУ. Проблемот успеавме, барем делумно, да го решиме со сопствени сили.
Но за нас сега ќе биде катастрофално доколку бидеме блокирани поради проблемите со кои се соочува друга земја“, вели Димитров за Тагесшпигел.