Проектот што лови лажни вести призна нова сопствена дезинформација

Проектот F2N2 кој со финансиски средства на американската амбасада во Скопје има за цел да следи лажни вести и дезинформации за два дена два пати признава дека неговите аналитичари ширеле невистини.

Откако F2N2 завчера го корегираше соопштението во кое се обвинува АВМУ за ширење лаги и призна дека ширел невистини за Агенцијата која ги следи елетронските медиуми, вчера проектот на невладината организација МОСТ на Дарко Алексов призна дека дезинформирал и во случајот со Канал 5.

Признанието доаѓа откако Канал 5 ТВ реагирал до тимот на F2N2 со свој став и гледиште околу анализа ТОП ЛИСТА НА ДЕЗИНФОРМАЦИИ ВО СЛУЧАЈОТ РЕКЕТ, конкретно за делот во кој се анализира веста на таа телевизија.

Тимот на F2N2 тврди дека при оценувањето на веста ја следел вообичаената процедура, земајќи ги предвид различните официјални извори на информации, во овој случај обвинителката Рускоска, како и анализа на правните одредби поврзани со вакви и слични ситуации. Притоа, горенаведените околности од страна на Канал 5, како регистриран медиум според Законот за медиуми и радиодифузер според Законот за ААВМУ, се изоставени при правењето на анализата. Проектот констатира дека е точно дека изостанала комуникацијата со Канал 5 за што жали.

Оттука, F2N2 напоменува дека од страна на Канал 5 не постоела скриена намера да ја дезинформира јавноста исто како и од страната на тимот на F2N2 да ја дискредитира Канал 5.

Предходно проектот кој се финансира со пари од американските даночни обврзници призна дека згрешил и со АВМУ.

Во меѓувреме на сајтот на F2N2 се уште стојат објавени груби конструкции и манипулации со кои се прават обиди за дискредитација и на други медиуми особено на тие што се критички настроени кон Владата на Зоран Заев.

Проектот кој има пристојни финансиски но сомнителни кадровски и know-how ресурси за битка со сериозниот проблем на лажните вести упорно ги чува објавени конструкциите за дел од медиумите со што покажува дека целта не е борба со дезинформациите туку одбрана на владеачките политики.

Во недостаток на аргументи и факти за своите анализи F2N2 на текстовите кои ги критикува им забележува дека во насловот користеле прашања, тема за која во светското нивинарство се води долга дебата, за која веројатно “аналитичарите” на проектот не чуле.

Во друга прилика F2N2 со сугерирање како треба да гласи наслов на текст се става во улога на апсолутен авторитет и цензор во новинарството и врши притисок врз медиуми.

Во исто време со својата непрофесионалност во незгодна ситуација ги става своите американски донатори кои очекувале професионална а не политичка битка и хајка против македонските медиуми, дури и директно опозициски политичари.

F2N2 до неодамна само во исклучително ретки прилики третираше лажни вести и дезинформации објавени од провладините медиуми и владини функционери.

SHARE