Проф. Панов: Владата и пресуди на “историската вистина” за Самоил и просветителите

Професорот од Институтот за национална историја Митко Б. Панов со свој став за владиното догматизирањето на македонската историја!

“Прифаќајќи ги сугестиите на заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, Владата со вчерашната одлука пресуди што е „историска вистина“! Во согласност со овој политички акт, Св. Кирил, св. Методиј, Св. Климент, св. Наум и цар Самуил се определуваат и означуваат како личности од „заедничката историја“, при што посебно се нагласува дека при секое нивно официјално чествување ќе биде „потребно историската вистина за нашата заедничка историја јасно да се одбележува“, пишува професорот Панов!

Целата реакција на професорот:

Иако не е прецизирано која е таа „историска вистина“ и што е тоа „заедничка историја“, која треба „јасно“ да биде означувана при чествувањата и одразена во учебниците, за тоа веќе јавно се произнесоа членовите на комисијата од обете страни. Тоа би значело дека независно од научните историографски достигнувања и досегашни и идни публикувани трудови, секое официјално чествување на св. Кирил, св. Методиј, Св. Климент, св. Наум како и на цар Самуил (а со тоа и создавањето на словенската азбука, Светиклиментовата Охридска книжевна школа, Самуиловата Охридска архиепископија …) ќе мора да биде во согласност со комисиската и владината „историска вистина“ и овие личности соодветно ќе бидат маркирани како дел од „заедничката историја“ (бугарска) и како такви изучувани во учебниците.

Ваквото догматизирање на историјата и наметнувањето на историографските конструкти е несвојствено за современите демократии и слободата на научната мисла! Св. Кирил, св. Методиј, Св. Климент, Св. Наум и нивната дејност имаат сесловенска димензија и претставуваат општоевропска цивилизациска придобивка. Св. Кирил и Методиј веќе се чествувани како словенски просветители и апостоли во повеќе европски држави. Самуил може да стане споделена (но не заедничка) историска личност за македонската и за бугарската нација, единствено доколку признаеме дека националните наративи и митови за овој средновековен владетел се конструирани по 1878 г. и се директно и нераздвојно поврзани со Македонија и со решавањето на македонското прашање! Реоткривањето и присвојувањето на заборавениот и занемарен Самуил од страна на руските и балканските политички елити по 1878 г. било предодредено од потребата за конструирање на наративи со кои историски ќе се легитимираат териториторијалните аспирации кон Македонија како јадро на Самуиловата држава и црква.

Крајно апсурдно е во современа Европа конструктите од 19 век да се догматизираат и претставуваат како историски вистини!

SHARE