Проф. Стојановски до Заев: Никој досега не нè доведе до самоуништување како вас

Професорот на Правниот факултет во Штип, Страшко Стојановски, кој е меѓународно признат експерт за нации и национализам, објавува девет точки во кои македонската влада погрешила во врска до договорот со Грција.

Стојановски дава одговор и на прашањето што ќе ѝ се случува на земјава во наредниов период.

„ШТО ПОТПИШАВТЕ?

Не знам што сакавте. Дали да ѝ обезбедите иднина на Македонија и на нејзините граѓани, во што се надевам дека искрено верувате, или само топлење на меките столчиња и вртење тендерчиња, што гледано од ваш личен аспект е разбирливо, но никако оправдано.

Но, дали знаете што ќе постигнете?

Прво: Ги урнисавте сите преговарачки позиции на Република Македонија или, ако милувате така, втората страна. Се менуваа политички гарнитури и досега. Беа и СДСМ и ВМРО, дури и ДА со егзибиционистички проекти како „Тајван“, и санкции издржавме, приватизации, конфликт, но никој не отстапуваше од главните стојалишта на преговарачките позиции. Никој не ја доведе Македонија не до работ, туку до самоуништување. Спин-мајсторите и белосветските мудреци ќе одговорат дека поради ваквите принципи стагниравме во евроатланските интеграции, а Македонија остана изолирана и без перспективи за развој.

Едно ќе се согласам. ЕУ и НАТО се нашата иднина, не само поради економијата, туку и поради тоа што споделуваме (или барем тежнееме) ист вредносен систем. Но, не по секоја цена! Каква ли само ментална вежба направија Заев и неговите спин-мајстори и аналитичари со предлогот ‘Илинденска’… лудило… за неколку дена и Устав се согласивме да смениме и erga omnes излезе совршено прифатливо.

А предлогот и да не ти бил тој. Но, за волја на вистината, последните неколку месеци се само подготовка на теренот. Договорот е паднат порано, нели?!

Второ: Консензус не обезбедивте, а требаше. Доколку за нешто требаше да се извлече поука од договорот со Бугарија, тоа е да се спроведува поинклузивен процес. Како може да се обврзете Устав да смените без подршка на опозицијата. А и Хорхе го заборавивте. Каков таков, требаше да ви текне дека претставува институција и не било каква, туку клучна во креирањето на надворешната политика.

Можеби е лош Претседател, но тој е наш лош Претседател. Како планирате да се запазат роковите од договорот, со јасно предвидливи институционални и процедурални пречки, кои не случајно постојат. Истите се дел од системот на кочници и рамнотежа, како клучен сегмент на претставничката демократија и постојат за да не се прават вакви глупости и егзибиции во креирањето политики и управувањето со државните ресурси.

Чисто споменувам, да не ви создаваат многу фрустрации. Сепак, може од ова ништо нема да ми важи во случај, доколку сме подложни на уште една ментална вежба на давање заклетви и колнење во честа, угледот, фамилијата и не знам што, дека ветеното ќе се испочитува. Мислам, ме разбравте дека не мислам единствено на партиите на власта.

Трето: Фини обврски презема втората страна во договорот. Потпишавте од нога, ќе ратификувате со брзина на светлина, а некако не земате за сходно претходно да дадете некакво објаснување на граѓаните. Како ќе спроведете Damnatio Memoriae на користењето на симболи, поврзани со претходното знаме на јавни места. Објаснете, како ќе ги кршите селските чешми, по некоја фонтанка, а и на коцките на кеј имаше вакви сонценца. Објаснете, како ќе им забраните на граѓаните на свадби, кога одат во матично да не смеат да го вејат ова знаме. Објаснете, со какви репресии ќе им забраните на навивачките групи да го носат знамето на натпревари. Ако ова не го исполните, договор нема, знаете?

Или како Солун ќе си го викаме Thesaloniki, а Солун и Србите го именуваат, но атласи не менуваат. А да, веднаш да им укажете на новинарите од вашите телевизии дека договорот не е потпишан во Нивици. Ако заборавите, договорот не важи. Се разбира, мало зло е да се оправда политиката на етноцид и менување на топонимите во другата ни Македонија, некаде во првата половина и во средината на минатиот век. Објаснете и тоа како ќе ја менувате Преамбулата на Уставот. Таму антика нема. Како и сите модерни нации, вклучително и сите балкански, и нашата е креација од 19 век.

Но, како ќе ја избришете Илинденската традиција или, чувај боже, и АСНОМска Македонија, бидејќи и на АСНОМ имаше делегати од другите Македонии. Сè ќе подведете под иредентизам и готово. Постоиме од Уставот 1974 година и од референдумот со можност да пристапиме во нова јужнословенска конфедерација. Тамам браварот од Кумровец нè создал. И ова ако не го спроведете, договор нема.

Четврто: На првата страна никогаш не ѝ пречело да имаме античко минато. Тоа е илузија која ни се продава, иако мораме да признаеме дека со спомениците се претера, и тоа како. Дополнително, антиката нè врзува со европските вредности кои се темелат на јудео-христијанската и грчко-римската традиција. Оттука, не знам чуму им е на западњаците предимензионирањето на словенскиот карактер, кој несомнено е основен маркер на нашиот идентитет, но никако и единствен. Ова некако ми ја носи водата на некоја источна воденица.

На првата страна, драги мои, ѝ пречи секое врзување на нашата историја со делот кој тие го поседуваат и со целата историја која таму се создава. Чисто за проба, предложете нашиот идентитет да го врземе за Пајонското наследство, на пример, и чекајте да ја видите реакцијата. Додуша, може и ќе згрешам и овде, затоа што Пајонците се споменуваат во Илијадата, нели. Да бидеме посериозни. Проблемот со историскиот наратив јас смело го нарекувам територијализација на националниот мит.

Бидејќи грчкиот мит во 19 век се темели на расните теории за супериорноста на грчката нација и следствено инфериорноста на оние на соседите, тие ја исфрлаат идејата за т.н. славофоно население. Ваквото гледиште е надополнето по линијата север-југ со mass floatant на Јован Цвијич.

Да поедноставам. За Грците, Македонци нема. За нив, има ‘некои’ кои зборуваат некаков словенски идиом (не јазик), а истиот е резултат на насилно или во најмала рака нелегитимно словенизирање на грчкото население некаде во минатото. Е врз база на оваа теза тие вршеа асимилација и неретко протерување и етничко чистење во последните стотина години. Сега со договорот ова ќе треба да си го свариме како знаеме и да си признаеме дека во Грција живеат само Грци.

Па, ќе си речете, од минато не се живее, што ќе ни е тоа, дајте иднина и Европа. Само, чисто информативно, да ве потсетам дека според овие расистички тези и Кирил и Методиј, но и Крсте Мисирков и Гоце Делчев се Грци. Фин е договорот, прво членче дека немаме претензии врз Хеленската (но, не вели само античката, да се разбереме) историја, а потоа што остане за нас, во друго членче се разбира. Ако сакате договор и ова некако, не знам како, ќе си го спроведете.

Петто: Доста минато, ај малку за иднина. Ако ова со историјата некако го вкомпонираме, ќе треба да се размисли и за Граѓанската војна во Грција и за децата бегалци. И тие се минато, но нивните потомци се иднина. Моите прогнози се дека во најмала рака Грција ќе работи, малку посуптилно ова, на јакнење на ‘егејскиот’ регионален идентитет. Ова јасно се обезбедува врз база на примесите на ограничување на митот и модификацијата на новиот граѓански идентитет на ‘Северна Македонија’. За првата страна, како што нејзините претставници веќе се произнесоа, тоа ‘македонски’ во личните документи не се однесува на националност, туку на некаква етничност, која не е органски втемелена на објективни маркери (јазик, култура и сл.), туку сфатена низ либералната матрица на самоидентификација и самоопределување.

Драги мои, ова значи деноминација на идентитетот. Ваквите гледишта во иднина ќе направат поделби во македонското национално ткиво, при што дури и ‘македонски’, постои можност (на што целат од првата страна) да биде потиснато од ‘граѓанин на Северна Македонија’. Амбициите на Грција не се мали. Во услови на ваква фрагилност, прва фаза е преку влашкото малцинство и нивно придобивање, да се креира грчко малцинство во Македонија.

Параноично изгледа, ама, на пример, во јужна Албанија си функционира. Во втора некаква фаза ќе се претендира и на асимилација и придобивање на населението со зајакнат регионален ‘егејски’ идентитет. Ова е иднината, која ќе значи поделби на Македонците за кои не сме ни сонувале. Тука ќе престанам, пред да се доведам во позиција да ме прогласите за параноичен и фантазер кој нема допир со реалноста.

Шесто: Што правиме со референдумот? Дали да бил советодавен или задолжителен? Дали воопшто ќе се спроведува (за што постои маневарски простор од Договорот)? Кога ќе се спроведе? Мојата логика вели вака. Референдумот ќе се реализира по претходно јасно сондирање на јавното мислење и јасни изгледи за успех. На ова, претпоставувам, аналитичарите ви, веќе работат со полна пареа. Се разбира ќе има и јасна, перманентна и агресивна кампања.

Впрочем, одредени нејзини аспекти веќе се реализираат во дебатите во кои нема дебата. Нема да ме изненади, некаде наесен на пример, да го видиме и евроамбасадорот Хан како оди од врата на врата во населба Бабите во Штип. Министрите сигурно ќе ви бидат на терен. Имате и други проверени инструменти. На пример, доколку ВМРО бојкотира, по рецептот на референдумот за децентрализација, само обратнопропорционално, ќе ги поттикнете сите административци, па дури и силно ќе ги мотивирате вработените во приватните фирми, преку нивните сопственици, дека е ‘за ваше добро’ да излезете. Или ВМРО ќе излезе да гласа против, ќе обезбеди цензус доколку е задолжителен, а оние неутралните кои многу се активни против, по истата погоре спомната шема ќе ги дестимулирате да не излегуваат. Немој, не дај боже, да се случи повеќето да гласаат против, па референдумот да не успее.

Така најдобро е да има релативно ниска излезеност, но со сигурно исполнет праг од 50+ проценти од вкупниот број избирачи. Малку комплицирано, ама имате дечки што работат со дигитрони, па не се сомневам дека ќе пресметаат. Е сега вака е мојата математика. Кај етничките Македонци поддршката за референдум ви е од 10 отсто, со потенцијал да нарасне до 15 отсто. Со интензивна мобилизација на членството можете некако, што се сомневам, да стигнете до 20 отсто.

Да расчистиме, сите членови и симпатизери (јас се сомневам дека тоа и се мнозинството) на СДСМ договорот не ви го гласаат. Сега вие калкулирате и на 30 отсто од вкупниот број граѓани (или 100 отсто) од немнозинските заедници да ве поддржат, плус штимање на излезноста и референдумот да помине со 55-60 отсто од излезените.

Но, дали калкулирате каква ќе биде излезноста и резултатот во западна Македонија и во источна Македонија. Дали знаете дека ова de facto значи фрагментализација на општеството, ако не и многу полошо, од што тешко да се опоравиме во иднина. Во математиката, Ве молам пресметајте си убаво, како, на пример, ќе ги стимулирате граѓаните од турската етничка заедница да поддржат ‘грчки’ договор. Што и да се случи, од референдумот ќе произлезат уште повеќе проблеми. Можеби требаше на почетокот на овој дел, но го оставам шлагот за крај. Зошто, всушност, е потребен референдумот? Не е за договорот. Јасно се гледа дека ќе си го ратификувате претходно. Референдумот ќе се поврзе, вака или така, со уставните измени. А резултатот, доколку е позитивен, може да значи само едно.

Алиби за Мицкоски или евентуално ‘случајно’ формирана фракција во ВМРО да ја поддржи иницијативата и да го поддржи гласањето за уставни(те) амандмани. Како ќе го поставите прашањето е ирелевантно. Сигурно, добро ќе го осмислите во конфузно завиткана варијанта и ќе зрачи со перспективност за граѓаните.

Седмо: Ветувањата за мед и млеко со договорот се чиста утопија. Единственото реално остварливо, под услов да се запазат обврските, е членството во НАТО алијансата. Ваквото членство, секако, претставува огромен чекор за Македонија во правец на зацврстување на територијалниот интегритет и потврда на суверенитетот, што би требало да донесе дополнителен импулс во севкупниот социоекономски развој.

Се разбира, гаранциите за безбедноста исклучуваат секакви идни внатрешни потенцијални фактори на дестабилизација, но факт е дека ќе ги намалат апетитите за промена на границите во регионот. Дополнително, иако НАТО е примарно воена алијанса, таа истовремено претставува и политички клуб на земји-членки со кои, како што рековме погоре, споделуваме исти општествени вредности. Но, да се зборува дека членството во НАТО веднаш ќе донесе неколкукратен раст на економијата е илузија. Верувам и сум убеден дека некој индекс некаде ќе скокне, а можеби минимално ќе се намалат каматите за кредитите со кои и во иднина ќе се задолжуваме и толку. Кога правите споредби со членството во НАТО и растот на економијата во Бугарија или во Албанија на пример, треба да знаете дека тие не влегоа во Алијансата со уцена и со понижување.

Да ви посочам дека достоинството на еден човек или народ ако сакате, заедно со човековиот живот се највисоки вредности во правото и воопшто, ќе ме прогласите за квазифилософ, нерационален и нереален за околностите во кои се наоѓаме. Но, кога ќе го проектирате економскиот раст и инвестициите, калкулирајте го следново. Договорот ви е полн со фази, во кои постојано ќе треба да се прават нови отстапки. Ништо не завршува со референдумот и евентуалната ратификација во грчкиот Парламент, туку, како што рече Нимиц, тука сè почнува. Овој процес ќе се растегне најмалку уште 10 години (административно 5 години, политички плус 5 од секое поглавје).

На секоја ваша постапка за дополнителни понижувања ќе има реакции од граѓаните. А секој облик на перманентни протести, граѓанска непослушност, блокади и слично, ќе ја продолжи политичката криза, а во услови на нестабилност економијата не може да се развива со проектираниот и очекуван интензитет.

Дополнително, моменталните релации, со елементи на трговска војна меѓу САД и ЕУ, не дај боже нова бегалска криза или регионални проблеми и дестабилизација, се фактори кои ќе влијаат негативно. За членството во ЕУ, мислам дека иако ви е сосема јасно, отворено и без срам ги лажете граѓаните. Истото сигурно значително ќе се пролонгира, а лично и скептичен сум дека и воопшто ќе се реализира. За причините другпат, но генерално познати ви се.

Осмо: Ги лажете граѓаните со евтини спинови дека химната и знамето нема да ги менувате. Во договорот ова директно не е предвидено, но како без Илинденско востание во Преамбила, а со Крушевска република во химна. За едно сте во право. Нема да ги смените како резултат на директен притисок од Грција, туку на притисок одвнатре. Нели има уште една Тиранска платформа. Но, ова можеби и не е толку релевантно.

Она што е важно, е дека, како покажува искуството, Грција во критичните фази кога ќе има потреба од политичка консолидација, на влади или мнозинство во парламент (на пример при ратификацијата, но ќе има и прилики подоцна при интеграциските процеси) ќе инсистира на дополнителни отстапки. Логично е притисокот да оди во правец на македонскиот јазик и ‘гарантираниот’ македонски идентитет, но нема да ме изненади во иднина да се изнесат прашања кои до сега не сме ги ни сонувале.

Владата не остави речиси ништо во системот на ваквите калкулации. Или можеби пак грешам. Сè е испланирано, а сегашната состојба е само фаза која ни е обелоденета, а другите, иако договорени, сè уште не се достапни за јавноста. На крајот од денот, многу лесно може да се случи ни ‘М’ да не остане од Македонија. Гласноговорниците на Владата, покрај тоа што ова ќе го етикетираат како злонамерно и ќе го релативизираат со недовербата која наводно првата страна ја има кон нас, се разбира ќе ги презентираат инзвонредните можности кои НАТО и ЕУ интеграциите ни ги отвораат во перспектива. Меѓутоа, колку блиска или далеку е таа перспектива, не е лошо да ги запрашате младите дали би ја избрале Северна Македонија или ќе се определат за јужна Германија, чисто илустративно.

Деветто: Грција нема да го ратификува договорот, а уште помалку ќе го почитува. Оттука, првата страна на договорот гледа само на фаза во која драстично се поместуваат преговарачките позиции на Македонија, а во иднина, откако ќе се амортизираат, тие ќе претставуваат нова почетна позиција за нас. Во секој случај, интензитетот за спроведување секако зависи од нас, затоа што речиси сите обврски од договорот се наши.

На крај, ќе играте на картата свршен чин, нема назад. Но, алтернатива секогаш постои. Во моментов сè зависи од граѓаните на Република Македонија и пред сè од Македонците.

П.С. На ручекот во Отешево се служела рибја чорба од крап“.