Професии на 21 век – Инфлуенсер

Социјалните медиуми, мноштвото апликации, социјалните мрежи, дигиталната технологија во последните 2 децении донесоа промени во начинот на рекламирање, во начинот на претставување на производите, создавање и градење на бренд.

Во време кога се’ ни е достапно во секој момент и насекаде со помош на интернетот, и помалку се чини дека се’ е веќе измислено или дигитализирано, креативноста и неконвенционалното размислување веројатно се клучните фактори за еден бренд да стане препознаен и масовно прифатен од јавноста.

Во разговор со Бранко Попоски, креаторот на Cooking with Branko и магистер по Маркетинг Менаџмент ќе се обидеме, ексклузивно за Expres.mk да ви го приближиме концептот на инфлуенсер како нов начин на градење на бренд, рекламирање и промоција.

Expres.mk: Може ли на самиот почеток да не запознаеш подетално што поточно претставува Cooking with Branko?

Бранко: Љубов .. Да! Проект кој е темел на голема љубов и од кој извира љубов, но во милион и еден различен вкус и бои кои за мене значат живот. Проект кој го разоткри мојот талент за готвење и имагинација и проект кој и најголемите гурмани не ги остави рамнодушни.

Овој проект ги разоткри моите амбиции и идни чекори кога е во прашање мојата кариера и мојот професионален развој. Чекориме веќе пет месеци и градиме бренд кој ќе зборува за приказните од кујна, за рецептите, дружбата, забавата и моментите. Во оваа кујна на Бранко има место за сите кои сакаат да пробаат нешто различно и на друг начин.

Expres.mk: Во октомври минатата година ја имаше и официјалната промоција со која на јавноста и го претстави Cooking with Branko како бренд. Која е идејата, што се крие зад твојот бренд?

Бранко: Идејата е Cooking with Branko да стане бренд кој во својата длабочина ќе има улога на инфлуенсер. Во октомври се претставив и официјално пред јавноста, потенцијалните соработници, спонзори и компании и тоа беше настан кој ќе го паметам цел мој живот и кој остави посебен белег некаде во моите мемоари.

Од тогаш се случија многу настани и активности како учеството на Скопје Vine Salon на почетокот на декември, а од оваа година и тематските вечери посветени на различните кујни наменети за мали, групи на луѓе пред кои и за кои готвам во интимна атмосфера и им овозможувам ексклузивно и уникатно доживување.

Што се крие зад Cooking with Branko? Хмм .. да .. МНОГУ БОИ И ВКУСОВИ кои за мене значат живот и љубов. Cooking with Branko е бојата на мојата иднина.

Expres.mk : Покрај љубовта кон храната и готвењето, ти професионално се занимаваш и со маркетинг, може ли да ни ја појасниш улогата и концептот на инфлуенсер во промоција и рекламирање на одреден бренд?

Бранко: Инфлуенсерите односно инфлуенсерството како канал за маркетинг е релативно нова можност кај нас, за разлика од остатокот во светот но сепак се развива толку брзо колку што се развива и маркетингот, па и самите потрошувачи реагираат доста на овој нов правец во сферата на маркетинг комуникациите.

Инфлуенсерството всушност претставува спој помеѓу вредностите кои ги претставува и застапува одредена личност (најчесто се работи за позната медиумска, филмска, спортска, музичка ѕвезда) и вредностите преку кои одредена компанија или бренд сака да се претстави пред купувачите и публиката. Инфлуенсерите претставуваат одличен канал за брендот до самата публика.

Инфлуенсерот е всушност потрошувач, клиент. Тој го користи производот или услугата, се поистоветува со него, но истовремено и со брендот, го користи и на тој начин покажува дека ја задоволува неговата потреба.

Тоа влијание се пренесува до голема група на луѓе кои на еден директен начин се поврзани со личноста која го рекламира тој производ. Инфлуенсерите најчесто имаат илјадници т.н. следбеници на социјалните мрежи и веројатноста дека одреден производ, услуга или бренд ќе доживее оргомна популарност и експанзија за многу кратко време доколку е претставен од вистинскиот инфлуенсер е речиси загарантирана.

Се’ повеќе од малите и големи компании се свртени кон овој тип на маркетинг комуникација бидејќи на тој начин воспоставуваат долгорочни односи и им помагаат на брендовите да испорачаат што поавтентични пораки преку проверени мрежи и канали на инфлуенсери. Што значи тоа? – Дека е клучно фирмите и компаниите да ги негуваат врските со инфлуенсерите за да испорачаат вредност.

Expres.mk: Колку следбеници има Cooking with Branko и каде го гледаш твоето влијание во јавноста?

Бранко: Oколу 8000 следбеници на социјалната мрежа Инстаграм. Ви благодарам за поддршката која што многу ми значи, за сите Ваши совети, критики и дружења. За кратко време Cooking with Branko доживеа значителна експанзија во јавноста и соработки со неколку бизнис партнери и поддржувачи кои продолжуваат и оваа година, а стануваат и се’ побројни.

Мојата идеја е да се поврзам со квалитетни брендови и производители чии производи ќе ги претставам и доближам до моите следбеници чиј број секојдневно се зголемува и на тој начин да ја исполнам мојата мисија на Амбасадор на добрата храна.

Досега, барем кај нас, речиси не постои инфлуенсер кој преку модерен, уникатен и оригинален пристап на комбинирање на производите и вкусовите може да им понуди на компаниите да ги доближат своите брендови и производи до купувачите.

Тука го гледам влијанието на Cooking with Branko и огромниот потенцијал кој им се отвора на сите компании кои ги следат новите маркетинг трендови. Моите следбеници пак, ќе добијат комплетно нов пристап за комбинирањето на вкусовите и производите како и уникатни рецепти кои се едноставни, брзи и лесни за подготовка.

Би сакал да ја искористам оваа можност јавно да им се заблагодарам на сите што веруваат и го поддржуваат проектот Cooking with Branko.

Expres.mk: Кои се твоите следни планови и активности?

Бранко: Како што претходно споменав, Cooking with Branko проектот оваа година започна со реализација на нови активности, тематски интимни вечери кои имаат за цел да понудат забава, готвење, различни вкусови, споделување на искуства и што е најважно среќа. Да, започнавме со италијанска кујна, продолживме со француска кујна, а на ред е веганската кујна (https://kupikartizase.com/Events/cookingwithbranko_vegannight) и еден одличен проект кој ќе ја покаже и неговата хуманост.

Плановите и активностите не застануваат тука, ги повикувам сите љубители на храната и готвењето да не’ следат и да уживаат во сите моменти кои креираат една убава приказна од кујна. Да не откривам се’, повеќе за сите идни активности и планови на инстаграм/фејсбук профилот на Cooking with Branko.

Expres.mk: Што е она што би сакал да им го препорачаш на читателите?

Бранко: Да уживаат во малите секојдневни работи, да наоѓаат среќа во се’ што прават и да се обидуваат да ги прават среќни нивните најблиски.

Интервјуто за Expres.mk го реализираше Катерина Златановска Попова – сертифициран кариерен советник

Фото: Приватна архива

SHARE