Aктивисти на „Јас верувам“ и „Зошто да не“ денеска пред седиштето на СДСМ го изразија своето незадоволство за разрешувањето на Арбен Зибери од позицијата директор на Центарот за јавно здравје.

Зибери беше сменет откако на Фејсбук се пофали дека издејствувал во Комисијата за заразни болести да се укинат мерките за границите со цел да дојдат печалбарите и да гласаат за првиот премиер Албанец предложен од ДУИ.

Активистите изразија незадоволство што на местото на Зибери, бил назначен Александар Стојанов наместо некој Албанец.

„Фактот дека Арбен е заменет со Александар е симптоматично за нашето општество. Г-дин Заев, кажете ни само една причина за разрешување на Др. Зибери. Се што знаеме е дека тој направи одлична работа како директор на Центарот за јавно здравје, особено во време на кризата со Корона, кога беше на првите редови на борбата против пандемијата.  Отпуштивте посветен и професионален државен службеник затоа што тој го изрази своето мислење на Фејсбук а зборувате за демократија и граѓански права? Го сменивте, и покрај неговата лојалност и професионалност, со Македонец? Кажете ни, ако Арбен навистина згрешил, зошто не одбравте еден од многуте албански здравствени експерти кои имаат исти вештини или можеби и подобри од Александар?“, беше речено на протестот.

По протестот реагираа од СДСМ со порака до ДУИ наместо да протестираат – да се реформираат.

„Четири години во опозиција се доволно време за реформа на една партија. ДУИ треба да сфати дека довербата кај граѓаните се гради низ годините, а не со евтина национал-популистичка пропаганда во последните 15 дена пред изборите“, се вели во реакцијата на СДСМ.