Директорот на српската полиција Владимир Ребиќ изјави дека 71 лице е уапсено по синоќешните инциденти за време на протестот во Белград.

Според него, синоќа дошло до брутален напад врз полицијата и зградата на Собранието на Србија.

„Имате можност да видите колкаво е лудилото на масата што фрлаше шишиња, камења, факели, па дури и солзавец врз полициските службеници кои со своите тела ја бранеа зградата на Собранието“ – рече Ребиќ.

Тој рече дека билансот на синоќешниот бес се 14 повредени полицајци, 71 уапсен хулиган, меѓусебни судири меѓу екстремистите и самите хулигани, но и апсење на осомничен за двојно прободување.

Српската безбедносно-информативна агенција (БИА) уапси Британец, кој учествувал на синоќешниот протест во Белград, јавуваат медиумите.

Мекмилан Џејмс Дејвид, британски државјанин, учествуваше на синоќешните протести во кои полицајците беа напаѓани со факели, камења и шишиња, а скршени се и прозорци и камери во српскиот парламент.

Ова, според српските медиуми блиски до власта, „уште еднаш го потврдува директното влијание на странските служби на протестите во Србија“.

Српската полиција со употреба на солзавец ги растера демонстрантите кои четврта вечер по ред во главниот град одржуваат антивладини протести, поради начинот на кој Србија се справува со пандемијата од коронавирусот. Гневните демонстранти со петарди и камења фрлаа кон полицијата во обид да го пробијат полицискиот кордон пред Собранието во Белград.

„Сторителите ќе бидат поразени, поголемиот дел од нив ќе бидат приведени и ќе треба да одговараат за сите злосторства што ги извршиле“, изјави претседателот Вучиќ синоќа на телевизиско интервју за телевизија Пинк.

Во протестите биле повредени двајца новинари на агенцијата Бета.


SHARE