Противниците на премиерот на Грција Алексис Ципрас и оние незадоволни од договорот од Преспа меѓу Грција и Македонија за новото име на земјата го фалат бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов за неговите остри критики на адреса на Македонија во последните денови, пишуваат бугарски медиуми.

„Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана има храброст да ја каже вистината“, коментираат во Грција противниците на договорот и на премиерот Ципрас, пренесува дописник Бугарското национално радио (БНР) од Грција.

Во грчкиот печат веќе се среќаваат наслови како „Добро што се Бугарите, да ја кажат вистината“ и „Софија го деманрира Ципрас“.

Грчки медиуми го објавуваат и целиот текст на изјавата на Каракачанов, во кој бугарскиот вицепремиер се заканува дека ќе стави вето на приемот на Македонија во НАТО е ЕУ.

Меѓу коментарите има обвиненија дека Ципрас не ги бран грчките позиции околу спорот со Македонија во договорот од Преспа, како што тоа го прави Каракачанов, кој не дозволува  „бугарската историја да биде фалсификувана од Македонците“.

Уште во 2009 година грчкиот Врховен суд одлучи дека „македонски јазик не постои“, а има дури изјава на грчки пратеници дека во Скопје се зборува на „бугарски дијалект“, додава дописникот на БНР од Атина.

Изјавата на премиерот Заев за „македонскиот јазик“ отвора ризик договорот од Преспа да не биде прифатен од грчкиот парламент.

СИРИЗА не е поддржана ниту од нејзиниот коалициски партнер, „Независни Грци“, забележуваат бугарски медиуми.

SHARE