Протугер за Љубчо Георгиевски: Никој не го гони за Окта

Новинарката Ида Протугер Вељковиќ испровоцирана од ТВ интервју на екс премиерот Љубчо Георгиевски потсетува дека тој направил штетен договор со грчка компанија која Македонија ја чини десетици милиони евра а тој никогаш не одговарал за тоа.

” Која иронија од држава е Македонија. Се појавува Љубчо Георгиевски, творецот на Договорот со Хеленик Петролеум за рафинеријата ОКТА, на ТВ 24 на интервју, во истиот ден кога на вестите објавуваат дека Хеленик повторно ја тужи Македонија и бара отштета од 32 милиони евра.

Во Договорот, кој само ако се прочита се гледа дека е коруптивен, во член 10 стои обврска Македонија до 2000 година да откупува 400.000 тони мазут, а од 2001 до истекот на Договорот (годинава) да откупува 500.000 тони мазут.

И тогаш експертите предупредуваа дека од такви колични Македонија никогаш во историјата ниту имала потреба, ниту ќе има, макар ТЕЦ Неготино работи во полн капацитет. Значи владата на Георгиевски ставила одредба на директна штета на македонските граѓани за која во 2007 година Македонија веќе плати отштета од 40 милиони долари по првата тужба на Хеленик.

Пари кои можеа да бидат употребени за болници, училишта итн.

Сега следува тужба за “непокриениот период” односно од 2008 година до истек на Договорот бидејќи Македонија, фала на прашање, немала потреби од 500.000 тони мазут за кој Георгиевски со Договорот гарантирал откуп.

Инаку и Светска банка за тој Договор во време на потпишувањето го нарече коруптивен. Сега Хеленик бара нови 32 милиони евра, веројатно ќе се преговара околу нафтоводот кој иако го градеа македонски даночни обврзници, којзнае дали ќе видат некој ќар.

И така творецот на Договорот Георгиевски, дотеран крцка, си часка со новинарот за уставни измени, си поддржува амнестија на колегите политичари, природно, бидејќи самиот ја ужива слободата на непонесување одговорност, а за Договорот и новата тужба поради потписот на неговата влада ни збор. Ни прашање.

Ниту една институција до сега не го повикала Георгиевски на одговорност за овој Договор. Ниту до ниво на истрага.

И така во затвори ќе лежат ситни криминалци, граѓаните ќе се тресат на секое пречекорување на дозволен минус и неплатени две сметки, а политичарите и крупните криминалци ќе си уживаат на слобода со милиони, богати и среќни.

Кој може да побегне од таа земја нека бега. За жал, таму нема никогаш да има правда, ниту мир”, пишува Протугер за Љубчо Георгиевски кој беше премиер од 1998 до 2002 година.

SHARE

Оставете коментар