Дебитантот Нигерија се покажа неочекувано тврд орев за машката ракометна репрезентација на Македонија до 19 години во второто коло од групата Ц на Светското првенство во Скопје, па првата победа од 37:34 беше обезбедена дури во завршницата.

Иако избраниците на селекторот Данило Брестовац беа во предност во текот на целиот натпревар, во кој на полувреме водеа со 18:16, а во неколку наврати имаа предност и од четири гола, триумфот беше заверен дури со серијата од три погодока за 34:30 пет минути до крајот, откако Африканците се заканија со израмнувањето на 25:25 во средината на вториот дел.

Ненад Костески со 13 гола од 16 обиди и Мартин Серафимов со 10/13 беа „моторите“ на македонскиот напад, во кој се истакна и Кристијан Симоноски со пет погодоци без промашување.

Утре од 18:30 часот во салата „Борис Трајковски“ домаќинот на шампионатот ќе се сретне со Бахреин, кој денеска загуби од Јапонија со 27:24.

Лидерот Данска ја декласира Аргентина со 29:19 и со максимални четири бода води во групата пред Бахреин, Македонија, Јапонија и „гаучосите“ со по два, а Нигерија е без бодови.

SHARE